Благица, мајката на штипската четворка: „Пред легнување седат прегрнати и бакнувајќи се си велат ‘бате’ и ‘даде’“
Колку се карактерно слични, односно различни? Кој е најтемпераментен, кој најмирен, кој зборува најмногу, кој е повлечен?
Во глобала се мирни и послушни деца, не се многу немирни.
Михаил го викаме „скриено жарче“, ха-ха. Тој тивко ќе направи некоја пакост, а потоа ги собира и братчињата и сестричката со него.
Теодор е многу емотивен. До пред некое време не знаеше да се брани и често си наштетуваше сам, но сега веќе се научи и додека не им врати, не се смирува (мало инаетче).
Ведран е „водачот на бандата“, така си го викаме. Самоуверен е, свој човек, си тера по свое и знае што сака. Ги договара и другите, нема гајле, а и тој е многу емотивен.
Нашата принцеза Леонтина е како мала лисичка - разлигавена, зборлеста и сака секогаш да биде во центарот на вниманието. Таа сака да командува и да ја има последната.
Во глобала сите почнуваат да зборуваат, но Михаил и Леонтина се најзборлести, тие едноставно не замолкнуваат и секој ден изненадуваат со нови зборчиња.

А што е со храната - јадат ли сите исто или имаат различни барања, па знаат и да не каснат од зготвеното?
Јадат сè што ќе им зготвам и никогаш не сум готвела различно за секој. Што јаде еден, тоа ќе јадат и другите.
Кога почнаа повеќе да разбираат, имавме моменти кога не сакаа да јадат, плукаа или се бунеа, но никогаш не престанав, бев упорна.
Сега јадат сè и немаме никаков проблем. Нивното омилено јадење е пица, и многу често сами ја бараат.

Колку се приврзани еден со друг?
Многу се поврзани еден со друг. Се гушкаат, се галат, се бакнуваат - тоа е најубавиот момент од целиот ден.
Навечер, пред легнување, обично сакаат сите заедно да седат на едно место, прегрнати и бакнувајќи се, повикувајќи се со „бате“, „даде“ и „меѓу себе“.
Кога ќе им дадам нешто, знаат и да поделат, не се себични и мислат еден на друг.
Дури и кога некој зема чаша вода, ќе се потсетат и на другите и ќе им ја дадат.

После две години со 4 деца, станува ли полесно? Имате ли време да поспиете, малку да одморите?
Станува полесно. Навечер веќе спиеме, околу шест часа се во градинка, па имаме време и да одмориме.
Сега предизвикот е да имаш нозе да одговориш на секоја нивна желба, да ги исполниш сите барања, да ги испратиш каде сакаат, додека сите зборуваат во исто време.

Која е денес најинтересната работа поврзана со нив? Раскажете ми една забавна случка...
Со нив секој ден е убав ден. Горда мајка станав уште кога ми дојдоа на овој свет.
Последно најинтересно ни беше на нивниот роденден. Дома се спремавме цело време како да ги дувнеме свеќичките, но на нив тоа не им беше толку забавно.
Многу повеќе им се допадна да се мачкаат со тортата - буквално си копаа со прстињата и си ручкаа торта!

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело