Ирена Карамачоска: „Добив дијагноза рак на 34 години - ќерка ми имаше 6 месеци, а утеха ми беше што ќе се лекувам во Берлин“
- Детали
- вторник, 13 јануари 2026
„Кога ја напипав грутката на десната града и добив дијагноза помислив дека среќа во несреќа е што живеам во Берлин. Одлучив да се лекувам во универзитетската клиника Charité во Берлин и бев многу среќна што успеав да добијам место таму, бидејќи е меѓу десетте најдобри клиники за лекување на рак во Германија“, вели Ирена Карамачоска од Струга, која ја изгубила мајка ѝ од рак, токму во текот на своето лекување.

Ирена Карамачоска, од Струга, веќе 4 години живее во Берлин со сопругoт и нивната 1-годишна ќерка Фрида.
По професија е програмер, работи во компанија за програмирање на мобилни игри во Берлин, инаку ќерка компанија на една од највлијателните компании за развивање игри – Ubisoft.
Таа на само 34 години се соочила со дијагнозата рак на дојка, токму во периодот кога нејзината мајка ја водела и, за жал, изгубила оваа битка.
Сопругот на Ирена правел натчовечки напори, грижејќи се за 6-месечната ќерка и за Ирена едновремено во деновите кога таа била исцрпена.
За лекувањето во Берлин и нејзината приказна Ирена споделува за CRNOBELO.com:
На колку години (и кога) ја доби дијагнозата рак на дојка? Како се справи со шокот?
Дијагнозата ја добив пред девет месеци. Имав 34 години, а ќерка ми Фрида имаше само шест месеци.
Кога конечно мислев дека ќе здивнам малку од депресијата и тешките моменти што ги носи постпартум периодот, се соочив со нов шок.
Искрено, се чувствував како животот да ми удри една голема шлаканица.

Ние имавме други планови, ќе патувавме во Македонија на подолг период додека траеше моето породилно отсуство. Веќе бевме спремни и многу се радувавме што ќе го поминеме летото со фамилијата, а особено со мајка ми, која и самата во тој период се бореше со рак.
Шокот беше огромен, но, најтешкиот момент за мене беше споделувањето на веста со семејството, особено со моите родители.
Кога бев четири месеци постпартум, на мајка ми по втор пат ѝ беше дијагностициран метастазиран рак на белите дробови. Тие веќе ги знаеја нашите планови за патувањето и скоро секој ден ме прашуваа кога ќе дојдеме.
Не можам да ви опишам колку е тешко да им соопштите ваква вест на луѓе кои веќе еднаш доживеале шок од слична ситуација.
Немав многу избор. Морав да ја прифатам ситуацијата таква каква што е и чувствував обврска дека јас сум таа што мора да биде силна за сите.

Што направи прво? Како изгледаше процесот на планирање на лекувањето?
Кога ја напипав грутката на десната града, веднаш закажав преглед кај мојот гинеколог.
Тука ништо не оди така брзо, па морав да чекам 10 дена за преглед.
Докторката ми даде упат за преглед во специјализиран центар за дојка, но исто и таму чекав две седмици за прегледот и уште една седмица за резултатите.
Тоа беше најнеизвесната недела во мојот живот.

Направив биопсија и кога стигна хистопатолошкиот резултат се потврди дека станува збор за трократно негативен рак на дојка.
Кога се вратив по резултатите, во центарот за дојка веќе го имаа креирано целосниот план за моето лекување каде што првиот месец беа специјалистички прегледи и испитувања, а по еден месец почнав со третманите.
Пристапот кој се користеше во мојот случај се вика неоадјувантна хемотерапија, каде што целта е туморот да се намали, или целосно да се повлече, за да се олесни оперативниот зафат.
Ваквиот пристап на лекување веќе е стандард во Германија и дава многу добри резултати.
Досега имам примено 16 циклуси хемотерапија во комбинација со имунотерапија, а пред три месеци имав операција.
Пред еден месец завршив со радиотерапија и остануваат уште 8 циклуси имунотерапија.
Имав целосен хистопатолошки одговор на хемотерапијата, а до времето на операција туморот беше целосно повлечен. Се надевам дека ќе имам уште подобри резултати штом завршам со целокупното лекување.

Како реагираше сопругот кога му ја соопшти дијагнозата?
Лошата вест беше огромен шок и за мојот сопруг, но тој е по природа многу смирен човек и знае како да се справи во тешки моменти. Така беше и тогаш, само ми рече дека сè ќе биде во ред и дека ќе го поминеме заедно овој предизвик.
Во тој поглед олеснително беше што ќерка ми уште беше бебе, па така не морав да смислувам приказни.

Ти беше ли малку олеснителна мислата што токму во Берлин ќе се лекуваш? Какво е здравството таму? Каков е пристапот на докторите?
Дефинитивно! Во моментот кога ја добив дијагнозата, помислив дека, ете на некој начин, среќа во несреќа е што живеам тука.
Одлучив да се лекувам во универзитетската клиника Charité во Берлин и бев многу среќна што успеав да добијам место таму, бидејќи е меѓу десетте најдобри клиники за лекување на рак во Германија.
Докторите се многу смирени и професионални. Бидејќи јас сè уште не зборувам течно германски, јазичната бариера во најголем број случаи не беше никаков проблем.
Скоро сите доктори каде што одам перфектно зборуваат англиски.

