Браво! Анастасија Јовановска од Берово е млада, амбициозна девојка со втора диплома по логопедија
- Детали
- среда, 21 јануари 2026
„Логопедијата за мене не е само професија, туку повик. Повик што бара срце, емпатија и искрена желба да се помогне“, вели Анастасија Јовановска (24), девојка од Берово со вистинска страст за својата идна професија.

Анастасија Јовановска (24) e млада и амбициозна девојка од Берово, која за своето родно место вели дека е мало место што ја научило на големи вредности.
Таа дипломираше на логопедија и тоа со две дипломи, прво на 3-годишна наставна програма, а потоа љубовта кон логопедијата ја натерала да ја доврши и 4-годишната наставна програма, иако според правилата на Медицинскиот факултет не било задолжително.

Анастасија за CRNOBELО.com вели:
„Сè што сум денес, во голема мера го должам на моите родители, кои од најрана возраст ме воспитуваа со љубов, дисциплина, почит и вера.
Тие ме научија дека знаењето има смисла само тогаш кога е проследено со човечност и дека карактерот е темелот на секој вистински успех.

Средното образование го завршив во Скопје како медицински лабораториски техничар во СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“, а токму таму започна и мојот подлабок пат кон здравствените професии.
Пред две години дипломирав на тригодишни стручни студии по логопедија, а иако по мојата дипломска беше воведена и четвртата академска година, одлуката дополнително да ја изучам произлезе од искрена желба да го остварам својот целосен потенцијал и да бидам подготвена за сите предизвици што ги носи оваа професија.

Стажирањето во Заводот за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација - Скопје претставуваше еден од најзначајните периоди во мојот стручен развој.
Тоа искуство само ја потврди мојата амбиција, посветеност и длабока љубов кон логопедијата, но и ме научи дека зад секој збор што недостига стои човек што чека да биде разбран.

Патувањето е голем дел од мојот живот. Сакам да патувам низ светот, а честите патувања ме направија поотворена, посвесна и побогата во погледи.
