Бојан Чунде за хемофилијата: „Бавно ми прекинува крвавењето, како дете кога ќе паднев ме плашеше паниката на мајка ми“
Каков тип на повреди се најризични за лице со хемофилија?
Па, сите повреди кои се посериозни можат да бидат ризични за хемофиличарите.
Секако дека не е точна заблудата дека ние умираме од еден убод од игла, патем факторот за коагулација се аплицира во вена со игла.
Не живееме во стаклено ѕвоно, едноставно крвавиме подолго, не повеќе. Според мене како најризични би ги споменал крвавењата во некој внатрешен орган.

Најголемата траума од детство... Дали исекотина со нож е опасна?
Па, исекотина со нож не се смета за опасност, доколку е површинска. Подлабока исекотина би била проблем и кај лица што немаат хемофилија.
Како посериозно крвавење кое ме исплашило би го споменал внатрешното крвавење во глава, за среќа над мозочната обвивка.
Тогаш имав 17 години и бев свесен колку е сериозна таа ситуација кога останав долго во болница. За среќа, со интензивна терапија сè помина во најдобар ред.

Како препознаваш дека една повреда е „посериозна“ и бара веднаш реакција?
Доколку местото каде што е повредата почне да трне или да боли, тоа е знак дека во најкраток можен временски период треба да аплицирам фактор за коагулација.

Колку брзо мора да реагираш кога ќе се случи повреда? Како изгледа процесот на лекување по повреда кај тебе?
Во ситуација кога имам некоја крвавечка епизода најдобро е да реагирам во првите два часа после повредата.
На тој начин би се скратило траењето на таа крвавечка епизода и би примил помала количина на фактор за коагулација.
Во случај на повреда истата се третира со фактор неколку дена и доколку е во зглоб се препорачува одмор на тој зглоб.

Дали некогаш нечија паника ти отежнала ситуацијата? Што е најкорисно што некој може да го направи кога ќе се повредиш?
Кога ќе се повреди хемофиличар паниката не е потребна, единствено е потребно да ме прашаат дали и која количина на фактор треба да ја примам. Дали да ме однесат во болница или дома.
Пак ќе кажам, зависи од сериозноста на повредата.
За површински повреди, удари, гребаници, пад и слично нема потреба од паника. Можеби во детство кога ќе се сопнам или при пад ме плашела испаничената реакција на мајка ми, тие неколку секунди на паника додека се увери дека немам некоја сериозна повреда за мене биле цела вечност.
Но, сега како возрасен ја сфаќам таа паника, страв. Сепак била родител со дополнителна одговорност.

Како реагираат луѓето кога ќе им кажеш дека имаш хемофилија?
Луѓето што се запознати со оваа состојба не реагираат на некој посебен начин.
Тие што не се запознати најчесто мислат дека е некој тип на леукемија. Меѓутоа брзо ја решаваме таа заблуда.
Она што треба да го знаат луѓето за нас е дека доколку дојде до некоја сериозна повреда, како на пример сообраќајна незгода и не сме свесни, треба да ја известат медицинската екипа дека лицето е хемофиличар.
Така најлесно ќе се одреди начинот на третирање на евентуалната повреда.

