Бојан Чунде за хемофилијата: „Бавно ми прекинува крвавењето, како дете кога ќе паднев ме плашеше паниката на мајка ми“
Што би сакал луѓето подобро да разберат за оваа состојба?
Дека ние живееме нормално, хемофилијата не е заразна болест, тоа е генетски наследна состојба.
Денес хемофиличарите со современ третман живеат нормален живот, можат да ги работат сите професии, можат да спортуваат. Има и многу успешни спортисти и бодибилдери кои имаат хемофилија.
Стигмата околу хемофилијата кај луѓето кај нас е најчесто поради сликата што ја имаат за нас од минатото, кога немаше современ третман за оваа болест и квалитетот на животот на овие лица беше лош, често и болен.

Што би му кажал на дете кое штотуку дознало дека има хемофилија?
Аплицирај фактор редовно (10 минути два пати неделно) и живеј со полна пареа!

Раскажи ни накратко за твојата најголема повреда во животот, со што те соочи таа, колку време беше во инвалидска количка, колку тешко беше застанувањето на нозе и дали сметаш дека резултатот по повредата беше некако поврзан со хемофилијата....?
На 20-годишна возраст после еден скок во вода од педалинка останувам во инвалидска количка.
После извршениот хируршки зафат прогнозите дека ќе проодам се 0%.
Кога таа информација стигна до мене ми беше целосно неприфатлива, одбивав да прифатам, а од друга страна немав никакви сигнали дека ќе проодам.

За тоа подетално објаснив во подкастот кај Стефан Лазаров, па читателите коишто се заинтересирани повеќе информации можат да слушнат таму.

Со голема упорност поминав еден долг процес на закрепнување и интензивна физикална терапија од 6 години додека застанав на нозе.
Една година после повредата успеав да застанам на нозе и да го направам првиот чекор со помош на патерици, тоа беше најголемиот мотив за да продолжам.
Денес функционирам со делумна попреченост на левата потколеница, но тоа не ме спречува да живеам, пред сè да работам, спортувам, патувам и да правам сè она што е моја желба.

Заедно со сопругата сме основачи на козметичкиот бренд Пура Перла и работам 6 дена во неделата, а се трудам да не заостанувам и во социјалниот живот.
Според лекарите хемофилијата не е пресудна за сериозноста на оваа повреда, можеби делумно ја искомплицирала ситуацијата, но скокот во вода би бил исто опасен и за лице кое нема хемофилија.

Прочитајте и Сопругата на Бојан Чунде, кој по скок од педалинка во Охрид останал во количка: „Верував дека тој ќе прооди“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
