Успешни Македонци низ светот: Даниела Настеска работи на откривање лек за дијабетес во Оксфорд
Особено се убави формалните вечери во колеџот, кога се собираме сите во својата најдобра облека, понекогаш во универзитетските тоги (налик на Хари Потер), седнуваме на маси по случаен избор, при што секогаш добиваме нов соговорник и можеби најважно од сè, негуваме подзаборавена навика - уметноста на разговорот.
Мобилни телефони се забранети на овие вечери, а на крајот на формалниот дел ротираме на други маси и се дружиме со нови соговорници.
Основно правило во текот на целата ноќ: целосна почит кон соговорникот, без разлика на ранг, и љубопитност за нивната личност.
Со сегашното темпо на живот, вакви вечери се скапоцени.
Приватно си љубител на патувања, си посетила многу земји во светот, запозна различни култури... Која од нив ја чувствуваш за најблиска и кое патување досега ти било незаборавно?
Секој дел од светот има своја убавина и прекрасни луѓе и затоа ми е тешко да издвојам некоја земја.
Јапонија, секако, има посебно место во моето срце и е мојот душевен дом.
Ѝ се навраќам кога можам, особено кога поминувам низ тешки моменти.
Често знам да кажам дека Македонија е земјата во која сум родена и израсната, но дека вистински пораснав во Јапонија.
Можеби затоа источно-азиските земји се често на мојата листа.
Секое патување ми носи незаборавни моменти: нишалка пред куќа во Џорџтаун во Малезија во топла тропска ноќ, прошетки низ крошните на вештачките дрвја во Сингапур, китовите кои кружеа околу моето бротче во Окинава, Јапонија, нови пријателства што се родија пред меморијалниот дом на Чанг Каи Шек во Тајпеј или на чај во Тајнан, Тајван, чисто-синото небо и златните гинко дрвја на улиците во Сеул, Јужна Кореја...
Малта со моите најсакани и селото на Попај за Божиќ, Сардинија со блиска другарка и нашите (несакани) средби со диви свињи на улица, мај во прекрасниот Белград со моите братучетки.
Во секоја земја што сум ја посетила, без да звучи како клише, насмевките и разговорите со локалните луѓе секогаш ми значат најмногу и ги паметам засекогаш. Луѓето се неповторливи, а луксузот е секаде ист.
Кога би можела да бираш - каде би се вратила да живееш или каде би сакала да заминеш следно?
Понекогаш чувствувам дека имам дом секаде, но поединечно никаде.
Моите најсакани живеат во Македонија, а најблиските пријатели насекаде низ Британија и низ светот.
Можеби затоа не гледам само една земја како конечна животна одредница - имам многу катчиња низ светот кои ги сметам за дом, вклучувајќи го и небото затоа што минувам многу време во лет.
Домот е чувство, и затоа дома е секаде каде што сум среќна.
Како вечен патник, и оваа година имам далечни патувања во план: ‘дома’ во Јапонија во пролет, и првпат во Јужна Америка во лето, во Еквадор.
Да се патува е привилегија, но и награда кога вредно се работи.
Колку често доаѓаш во Македонија?
Доаѓам многу често. Македонија е местото каде што сум ќерка, сестра и тетка на моите внуци, пред сè.
Тука спомените за татко ми се најживи и најблиски, и тука чувствувам дека сè што сум денес има основа.
Тука се и моите блиски луѓе кои ме знаат уште пред да имам титули пред името, од времиња на добри и лоши фризури и утнати рецепти за торти...
Секој си има своја верзија на родната земја и начин како да ја вклучи во своето секојдневие.
За мене Македонија е паралелна лента во која се вклучувам од време на време во живо, кога трчам за да ги земам внуците од училиште, договарам неколку пијачки во еден ден со пријатели и роднини, тркнувам на пастрмајлија во Кратово... или виртуелно, кога откривам нови песни (најверојатно подоцна од сите во Македонија), следам вести и отворање нови ресторани/кафулиња и секако, читам CRNOBELO (фан сум со години!).
Погледнете повеќе фотографии:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело