Успешни Македонци низ светот: Даниела Настеска работи на откривање лек за дијабетес во Оксфорд
- Детали
- четврток, 19 февруари 2026
„Мојот интерес за болеста која го допира скоро секое семејство во Македонија, е врзан и за моето семејство. Татко ми храбро живееше со дијабет многу години и гледајќи го данокот што болеста го зема, решив тоа да е мојот професионален фокус“, вели за CRNOBELO.com Даниела Настеска, која има свој тим за истражување дијабет тип 2 на Оксфорд.

Даниела Настеска (46) е научник и тим лидер на Универзитетот на Оксфорд во Велика Британија.
Фокус на нејзиното истражување е шеќерната болест или дијабет, поточно тип 2 дијабет, болест со која што живее околу 10% од возрасното население на светско ниво.
„Мојот интерес за оваа болест, која го допира скоро секое семејство во Македонија, директно или индиректно, е исто така врзан и за моето семејство.
Мојот татко храбро живееше со дијабет многу години и гледајќи ги неговите борби и данокот што болеста го зема, решив дека тоа ќе биде мојот професионален фокус.
Водејќи се од изреката ‘Биди промената што сакаш да ја видиш во светот’, оваа болест беше мојот прв и сè уште е мојот единствен научен интерес“, вели Даниела во интервјуто за CRNOBELO.com.
Нејзиниот професионален пат ја води во Кјото, преку Брисел и Бирмингем, сè до Универзитетов во Оксфорд, еден од најреномираните во светот, а каде што има свој тим, мала истражувачка група која работи токму на тоа - да најде лек за дијабет тип 2.
За својот професионален успех, за животот далеку од дома, но и семејството во Македонија, кое иако е далеку од нив, и денес ѝ е најголемата потпора и двигател, Даниела ни раскажа во интервјуто...
Како изгледаше твојот образовен и професионален пат - од Македонија до сегашниот живот и работа во Британија?
Медицината беше моја рана определба, почнувајќи со средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје, во насоката за медицински сестри, и продолжувајќи на Медицинскиот факултет во склоп на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
После дипломирањето како доктор на медицина, неколку години се обидував да си го најдам своето место под сонцето во Македонија, но наидов на многу затворени врати во нашите медицински кругови, иако дипломирав со просек 9.0.
Јапонската влада со своите стипендии за постдипломски студии беше мојот отворен прозорец, овозможувајќи ми целосна финансиска поддршка за докторски студии во Јапонија.
Докторатот го почнав и завршив на Kyoto University, каде што почна мојата истражувачка работа во областа на дијабетот.
Со диплома од еден од двата најдобри универзитети во Јапонија и високо престижен во светски рамки, ми се отворија многу врати во светот.
Избрав краток професионален престој на Universite Libre De Bruxelles (ULB) во Брисел, Белгија, а скоро потоа се преселив на University of Birmingham во Велика Британија.
Благодарение на максимална посветеност и работа, дури и кога целиот свет запре за време на пандемијата, мојата кариера тргна по нагорна линија.
Денес имам сопствени истражувачки грантови и своја мала, но вредна истражувачка група на Oxford University, кој веќе десетта година по ред e најдобар универзитет во светот според Times Higher Education (THE) World University Rankings.
Што те поттикна да започнеш кариера во странство? Дали во некој момент размислуваше за кариера кај нас или никогаш немаше (добри) услови за тоа?
Мојата кариера во странство почна случајно, како што често се случува...
Иако медицината беше моја прва и огромна професионална љубов, Македонија пред дваесет години беше сурова средина за некој без финансии за приватна специјализација и без конекции во медицинскиот свет, како што беше мојот случај (и претпоставувам на многу мои врсници во нашето општество заглавено во транзиција).
Мојот висок просек на дипломирање не значеше многу во мојата земја, но не мислам дека тој труд беше залуден.
Мојата макотрпна работа во текот на студиите, но и мојата отвореност кон светот ме однесоа на врвот на листата на кандидати за постдипломски студии во Јапонија, а јас успеав да ги убедам претставниците на jапонската влада дека токму јас ја заслужувам нивната поддршка.
Среќата секогаш е фактор плус, затоа што и покрај многуте пречки во периодот кога аплицирав за стипендијата, патот остана отворен и јас успеав да ги поднесам документите на време.
Среќата тогаш имаше многу лица: професор кој се погоди на работа кога не требаше, неочекувана поддршка од негова страна, немил настан кој ме донесе на вистинското место во вистинско време, сестра која истрча дел од ‘трката до целта’, семејство кое веруваше во мене.