Д-р Елена Цуракова Ристовска, гастроентерохепатолог: Хеликобактер пилори – симптоми, како се лекува и какви компликации предизвикува?
- Детали
- петок, 06 март 2026
„Хеликобактер пилори е најчестата бактерија поврзана со развојот на карцином“ - Д-р Елена Цуракова Ристовска за CRNOBELO.com појаснува: Што е Хеликобактер пилори? Кои се симптомите? Како се пренесува, кој тест е најсоодветен за да се дијагностицира и како се лекува?

Д-р Елена Цуракова Ристовска е специјалист интернист, супспецијалист гастроентерохепатолог на Универзитетската Клиника за Гастроентерохепатологија во Скопје.
Со неа поразговаравме на тема која е од интерес на голем број луѓе, Helicobacter pylori, бактерија која може да има или да нема симптоми, но доколку не се лекува, може да направи компликации, да предизвика чир на желудникот, па дури и да дојде до желудочен карцином.
Кои се симптомите, како се лекува, кои тестови се најточни и најсоодветни и какви компликации може да настанат...
За CRNOBELO.com Д-р Елена Цуракова Ристовска појаснува сè што може да ве интересира за Helicobacter pylori:
Што точно е Helicobacter pylori и колку е распространета кај населението?
Helicobacter pylori (H. Pylori) е спирална грам-негативна бактерија која ја колонизира желудочната лигавица и предизвикува воспалителна реакција, со што истата е вклучена во патогенезата на пептичната улкусна болест и желудочен карцином.
Бактеријата е идентификувана во 1982 година од страна на д-р Бери Маршал и д-р Робин Ворен, кои за своето откритие во 2005 година ја добиле Нобеловата награда.
Инфекцијата предизвикана од H. Pylori е најчестата бактериска инфекција кај човекот, како и најчестата бактериска инфекција поврзана со развојот на карцином.
Според податоците од литературата, актуелна или претходна инфекција со Helicobacter pylori е присутна кај околу 40-60% од глобалната популација, и истата е најзастапена во источно-медитеранските и африканските земји.

Како се пренесува бактеријата?
Инфекцијата најчесто се пренесува од човек на човек, по фекално-орален пат, најчесто во раната возраст, а можен е и пренос преку контаминирана храна и вода.
Притоа, ризикот е поголем во повеќечлени семејства со лоши санитарни услови и низок социоекономски статус.
Според податоците од литературата, преносот од мајка на дете е најчестиот начин на пренос на инфекцијата во раното детство.
Кои се најчестите симптоми на Хеликобактер пилори и кога треба да се посети лекар?
Инфекцијата со H.pylori претставува водечка причина за појава на пептична улкусна болест (чир на желудник или дванаесетпалечно црево).
Сепак, најголем број од пациентите инфицирани со Helicobacter pylori, дури до 80% од нив, се асимптоматски и не развиваат сериозни клинички манифестации.
Повеќето од пациентите кои имаат симптоми, вообичаено се жалат на одредени желудочни тегоби и проблеми со варењето на храната.
Кај дел од нив, приближно кај 10-15%, може да се јават покомплексни гастродуоденални компликации, односно пептична улкусна болест.
Сепак, независно од присуството на симптоми, хроничната инфекција со H. pylori секогаш предизвикува хроничен гастритис кој може да биде асоциран со нарушена апсорпција на одредени материи и доведува до нарушување во процесот на дигестија.

Како се дијагностицира Helicobacter pylori?
Постојат повеќе дијагностички тестови за потврда на инфекцијата со H. Pylori.
Серолошкиот тест кој детектира и мери концентрација на антитела кон бактеријата во крвта, не може да направи дистинкција помеѓу активна и претходна инфекција, но е доволно добар тест за да потврди контакт на пациентот со бактеријата.
Со оглед на тоа што антителата може да перзистираат долг временски период, овој тест не треба да се применува како контролен тест по лекување на бактеријата.
За разлика од серолошкиот тест кој детектира антитела, директните методи како што се тестот на детекција на антиген на H. Pylori во столица, уреа издишниот тест и CLO тестот (детекција на ензимот уреаза кој го лачи бактеријата во биоптичен материјал од желудочна лигавица), се методи кои потврдуваат присуство на активна инфекција и сите се одликуваат со висока точност.
Важно е да се нагласи дека овие дијагностички тестови треба да се применат најмалку четири недели по прекин на антибиотски третман (како и препарати на бизмут), и најмалку две недели по прекин на третман со лекови кои намалуваат секреција на желудочна киселина (инхибитори на протонска пумпа).
Постојат уште неколку методи за потврда на инфекцијата кои поретко се применуваат, како што се хистолошка анализа, култивирање на бактеријата на биоптичен материјал од желудочна лигавица и молекуларна PCR-базирана детекција во материјал од желудочна лигавица или столица.
По третманот, кај сите лекувани пациенти треба да се направи контролен тест со кој ќе се потврди излекувањето на бактеријата.
За таа цел вообичаено се применува уреа издишен тест или тест на фекален антиген, и тоа најмалку четири недели по завршувањето на третманот, и две недели по прекин на инхибиторите на протонска пумпа.

Како се лекува Helicobacter pylori?
На сите пациенти со докажана активна инфекција со Helicobacter pylori треба да им се понуди третман.
Третманот подразбира комбинација на антибиотици и лек кој ја инхибира секрецијата на желудочната киселина, ординирани во времетраење од 10 до 14 дена.
Постојат неколку комбинации на лекови кои се препорачуваат за третман на оваа инфекција, односно неколку препорачани комбинации на т.н. „ерадикациски третман“.
Изборот на третман зависи од претходна експозиција на антибиотици, присуството на алергии и интолеранција кон одредени антибиотици, цената, како и од локалната достапност на препорачаните антибиотици.
Во најголем број случаи, примената на некој од препорачаните ерадикациски протоколи доведува до излекување на бактеријата.
Сепак, кај мал дел од пациентите можно е бактеријата да не се излекува. Односно, доколку по лекувањето повторно се потврди активна инфекција, тогаш има потреба од повторен третман.
Во таа ситуација, треба да се примени тераписки протокол различен од првично примениот.
Кај некои пациенти со перзистентна и резистентна инфекција со H. pylori по два или повеќе циклуси на третман, треба да се направи тест на осетливост на антимикробни лекови, односно по земена биопсија од желудочна лигавица да се изработи антибиограм и да се тестира на кои антибиотици бактеријата е специфично осетлива.
Докажано е дека излекувањето на инфекцијата значајно ги отстранува желудочните тегоби, го заздравува улкусот и го намалува ризикот од појава на карцином на желудник.