Д-р Елена Цуракова Ристовска, гастроентерохепатолог: Хеликобактер пилори – симптоми, како се лекува и какви компликации предизвикува?

Може ли да има несакани ефекти од терапијата и кои се тие? Дали треба да се игнорираат?

Несаканите ефекти од антибиотскиот третман се чести, но обично се благи и ретко предизвикуваат прекин на третманот.

Честите несакани ефекти вклучуваат дијареја, гадење, желудочни тегоби, метален вкус во устата и црна пребоеност на јазикот и столица.

Препорачливо е пациентите однапред да се информираат за можната појава на најчестите несакани ефекти и да се советуваат во насока на преземање мерки за контрола на овие симптоми, за да не дојде до потреба од прекин на лекувањето против H. Pylori.

Какви компликации и последици може да се случат ако не се лекува?

Акутната инфекција вообичаено е поврзана со одредени желудочни симптоми и побарува примена на третман. Кај некои пациенти присуството на хронична инфекција со H. Pylori може да не предизвикува значајани желудочни тегоби, а сепак да биде причина за хронична оштета на желудочната слузница.

Хроничната инфекција вообичаено води до развој на хроничен гастрит, како и до одредени промени во клеточната структура на желудочната лигавица (атрофија или метаплазија), а поретко може да води и до развој на карцином на желудник.

Во однос на поврзаноста помеѓу H. Pylori и малигните заболувања, хроничната инфекција со H. pylori несомнено се поврзува со патогенезата на желудочен аденокарцином, како и со некои типови на гастричен екстранодален лимфом (малигна пролиферација на лимфното ткиво).

Иако оваа асоцираност е докажана, сепак, малигна трансформација се сретнува само кај околу 1-3% од пациентите со хронична инфекција со H. Pylori.

elena-curakova-ristovska-gastroenterohepatolog-helikobakter-pilori-simptomi-kako-se-lekuva-i-kakvi-komplikacii-predizvikuva-04.jpg

Дали има одредена храна и пијалаци кои ги влошуваат симптомите и треба да се избегнуваат?

Примената на одреден диететски режим може да потенцира одредени желудочни тегоби, но тоа не се поврзува специфично со присуството на H. pylori.

Кои се најчестите заблуди на пациентите кај нас за Helicobacter pylori?

Најчестите заблуди се дека доколку пациентот има одредени стомачни тегоби, позитивниот тест со сигурност укажува на тоа дека причина за тегобите е присуството на инфекција со H. Pylori, дека присуството на покачени антитела во крвта е индикатор на активна инфекција и дека позитивен серолошки тест секогаш налага потреба од третман.

Дали пациентите на своја рака треба да си прават тестови за Helicobacter pylori (како што е чест случај кај нас) или сепак треба да се прават исклучиво по препорака од доктор?

Тестовите за H. Pylori треба да се прават исклучиво по препорака на лекар поради тоа што одлуката за тестирање, изборот на тест кој ќе се примени, како и толкувањето на позитивен или негативен тест е различно во различни околности.

Генерално, тестирање за H. Pylori треба да се прави само доколку се планира лекување на активна инфекција. Односно, врз база на присутните тегоби, лекарот одредува дали тие може да се должат на присуството на H. Pylori, и дали позитивниот тест и лекувањето на инфекцијата би довело до контрола на симптомите.

Оттука, вообичаено се тестираат пациенти со гастрични тегоби или симптоматска пептична улкусна болест, пациенти со зголемен ризик или фамилијарна историја за карцином на желудник или пациенти со одредени кардиолошки, ревматолошки или хематолошки состојби кај кои има потреба од долготраен третман со т.н. „гастротоксични лекови“.

Дали откако ќе се излекува треба да се прават редовни проверки и дали понатаму може да се очекуваат други проблеми со желудник?

По лекувањето, гастроентерологот ја дефинира фреквенцијата на контролните прегледи согласно состојбата на пациентот.

По примена на т.н „ерадикациски третман“, како што и самиот термин кажува, инфекцијата е најчесто излекувана, што секако треба да се потврди со контролен тест.

Кај пациентите кај кои инфекцијата е причина за одредени акутни желудочни тегоби, излекувањето на инфекцијата вообичаено доведува и до повлекување на поголем дел од симптомите.

Сепак, хроничната инфекција со H. Pylori која била активна долг временски период и предизвикала посериозни оштетувања на желудочната слузница, односно атрофија или метаплазија, поради нарушување во секрецијата на желудочна киселина може да биде асоцирана со одредени симптоми, а кај мал број на пациенти и да води кон малигна алтерација.

Поради тоа, согласно ризикот, кај оваа подгрупа на пациенти постои потреба од следење на состојбата на одредени временски интервали дури и по излекување на инфекцијата.

Оттука, лекувањето на бактеријата е најцелисходно доколку се примени пред да настанат трајни и иреверзибилни оштетувања на желудочната слузница.

elena-curakova-ristovska-gastroenterohepatolog-helikobakter-pilori-simptomi-kako-se-lekuva-i-kakvi-komplikacii-predizvikuva--.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

М. М. | Црнобело / фото: depositphotos.com



Би можело да ве интересира:

Елена од Битола: „На сакото од баба ми, старо 37 години, му дадов нов живот со брошеви - омилено ми ... „Баба ми го носеше ова сако на свадбата на вујко ми, далечната 1989 година, кога...
Елена е модна дама од Битола: „Позајмувам парчиња од гардероберот на мајка ми, накит и капути од ’Ју... „Јас не го чувам минатото во кутија или ормар – туку гордо го носам на себе со п...
Љубовната приказна на Елена од Куманово и Кристијан од Скопје: „По еден месец врска решивме да се пр... „Првиот состанок ни беше на Матка, па на Водно, па во парк и траеше буквално цел...
Љубовната приказна на Елена Романова и ‘Модернизам и ренесанса’: „Ме запроси со прстен на грамофонск... „Се запознавме во канцелариите нa ‘Фчерашни новости’, а најромантичната работа ш...
Љубовната приказна на Александар Белов и Јелена: „Дојде да ме поддржи на ‘Танц со ѕвездите’, имавме ... „Бидејќи свадбата беше во Србија, никој не очекуваше дека ќе имаме и наша традиц...
Елизабета Ристовска: „На градата си открив вдлабнатинка со грутче, помислив рак - што ќе прави ќерка... „Првото прашање по дијагнозата што ми се моташе во глава беше што ќе прави Дорот...

Најчитани неделава