Љубовната приказна на Елена Романова и ‘Модернизам и ренесанса’: „Ме запроси со прстен на грамофонска плоча“
- Детали
- понеделник, 30 март 2026
„Се запознавме во канцелариите нa ‘Фчерашни новости’, а најромантичната работа што ја направи Дуци за мене е кога ми нацрта графит и истиот си го истетовира“, вели Елена Романова Петровска, новинар и водител во „Сити радио“ за љубовта со Душан Петровски, познат како „Модернизам и ренесанса“.

Елена Романова Петровска, новинар и водител во „Сити радио“, и Душан Петровски, уметник познат како „Модернизам и ренесанса“ од Скопје во брак се речиси 6 години и имаат две деца, синот Димитар (5) и ќерката Неда (1).
Нивните професионални патишта ги споиле во канцелариите на „Фчерашни новости“, а тоа што прво било другарство по извесен период се претворило во љубов.
Душан ја запросил Елена со прстен кој се вртел на грамофонска плоча, на грамофон за кој Елена вели дека цел живот си го посакувала.

Елена ја споделува нивната љубовна приказна за CRNOBELO.com:
„Jас и Дуци се запознавме во канцелариите, да ги наречам така, во Фчерашни новости.
Бевме ептен другари и мислам дека и двајцата не мислевме дека ќе прерасне нашата дружба во нешто посериозно, ама ете брзо сфатив дека тој е тој.
За некое кратко време, мислам дека работите станаа јасни помеѓу нас.
Сепак не бевме најдеца и веќе посериозно можевме да зборуваме искрено и трезвено.

Не бевме во врска со години, бевме да речеме околу година и пол, две, кога почнавме да живееме заедно.

Па, така дојде и запросувањето. Беше на 2-ри мај (тогаш ми е роденден) 2020-та година и веќе бев бремена со првото дете.

Кога се навраќам на истото, не очекував ништо помалку од него. Беше уникатно!
Требаше да следам знаци, целото запросување беше како игра.

Другарка ме однесе во Фчерашни новости, па во секоја соба имаше писмо и мало подароче, па по пат накај дома повторно некои изнендувања и, на крај, дома се случи она главното.
На грамофон којшто цел живот го посакував, свиреше плоча од Raу Charles и се вртеше заедно со прстен.

