Д-р Адела Стефанија, гинеколог акушер: „Ни барале да се породат на точен ден заради астрологија, односи во бременост се дозволени“
- Детали
- четврток, 09 април 2026
„Сè почесто има барања за царски рез по избор, но тоа е сериозна операција. А има и такви кои по секоја цена сакаат природно. Кога главата на бебето веќе е ниско и породувањето е во завршна фаза, тогаш најчесто е предоцна за епидурална. Погрешното туркање може да доведе до исцрпеност“ - д-р Адела Стефанија, гинеколог акушер за CRNOBELO.com разјаснува дилеми за бременост и породување.

Д-р Адела Стефанија е специјалист гинеколог акушер на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, каде работи долги години.
Благодарение на своето искуство, во разговор за CRNOBELO.com, д-р Адела разјаснува голем број дилеми и прашања кои ги интересираат трудниците.
Од тоа кои болки се нормални во бременост и дали треба да се трча кон болница кога ќе пукне воденикот, до тоа кои се грешките што ги прават жените на породување и кои се најчудните барања кои ги добила.
Во продолжение прочитајте го цело интервју со д-р Адела Стефанија за CNROBELO.com:
Кои болки во стомакот и грбот за време на бременост се нормални, а кога треба да се посети лекар?
Во текот на нормална бременост, честопати се јавуваат т.н. физиолошки болки – лесни тегоби во долниот дел од стомакот поради растегнување на лигаментите што ја држат матката, како и болки во долниот дел од грбот поради промена на тежиштето на телото и хормоналното омекнување на сврзното ткиво.
Овие болки се тапи, краткотрајни и не се придружени со други симптоми.
Но, доколку болката е силна, грчевита, постојана и проследена со крвавење, температура, печење при мокрење или намалени движења на плодот, тоа е сигнал за итна консултација со доктор и посета на болница.
Секоја болка што ја буди трудницата од сон или ја спречува во секојдневните активности, заслужува лекарска проценка.

Колку килограми е нормално да се качат во бременоста и зошто не се препорачуваат повеќе?
Просечното препорачано зголемување на телесната тежина е помеѓу 10 и 15 килограми (идеално би било околу 8-10 килограми), во зависност од почетниот индекс на телесна маса.
Зголемувањето на телесната тежина над 15 килограми носи ризик од гестациски дијабетес, покачен крвен притисок, поголем плод (макросомија), потешко породување и поголема веројатност за царски рез.
Главно покачувањето на тежината би требало да се одвива во втората половина на бременоста, а особено во третото тримесечје.
Бременоста не е период за „јадење за двајца“, туку за двојно повнимателна исхрана.
Дополнително, кај трудниците со нормална бременост се препорачува и практикување умерена физичка активност или јога за трудници, како и посебна психо-физичка подготовка за породување.
Дали е чест случај трудниците да бараат породување со царски рез наместо природно и дали тоа треба да се применува доколку не е неопходно?
Во последните години, сè почесто има барања за царски рез по избор. Дел од нив се водени од стравот од болка или претходно негативно искуство.
Но, царскиот рез е голема и сериозна операција, а не „покомфорна алтернатива“. Секоја операција носи ризици од крвавење до инфекции, зголемен потенцијал за развој на тромбоза и подолготрајно закрепнување.
Доколку нема медицинска индикација, секогаш се препорачува природно породување.
Ако е присутен стравот од болка, постојат разни начини на обезболување во тек на вагиналното породување (епидурална аналгезија, light-spinal, пациент-контролирана аналгезија и слично), но за изборот на соодветен начин на обезболување одлучуваат акушерот во координација со анестезиологот.
Имало и невообичаени барања како избор на „точен датум и час“ поради астролошки причини. Но, медицината мора да остане водена од здравјето, а не од календарот.

Дали има пациентки кои по ниту една цена не сакаат царски рез? Како ги смирувате кога мора да се оди на операција?
Да, има пациентки кои силно се противат. Кога ситуацијата бара итна интервенција, најважна е јасната комуникација. Објаснуваме дека одлуката не е против нивната желба, туку во корист на животот и здравјето на бебето и мајката.
Имаме случаи кога пациентката, и покрај укажаните ризици, сепак инсистира породувањето да биде природно, кога потпишува информирана согласност со која ги прифаќа евентуалните последици кои ќе произлезат од нејзината одлука. Но ова се ретки случаи.
Смиреноста на тимот кој го води породувањето е многу битна, како и воспоставувањето на довербата во односот „доктор-пациент“.
Кога пациентката гледа дека тимот делува сигурно и професионално, стравот се намалува и ја прифаќа одлуката за оперативно завршување на породувањето.
Дали е во ред трудниците да имаат интимни односи?
Многу често поставувано прашање од страна на трудниците, со интересни одговори.
Во нормална бременост – да, интимните односи се дозволени, но многу побезбедно е да се користат средства за заштита (кондом), заради природното присуство на простагландини во спермалната течност (активатори за предвремено породување), како и присуство на бактерии во самата спермална течност.
Бебето е заштитено во матката со амнионската течност и мембраните.
Интимни односи се препорачува да се избегнуваат во случаи на заканувачки абортус, заканувачко предвремено породување, предлежечка постелка, крвавење во рана бременост, при повторувани спонтани абортуси, како и кај сите високо-ризични бремености.
Во секој друг случај, интимноста е дел од здравата врска.
Кога ќе прсне воденикот или ќе почнат контракциите, дали треба веднаш да се оди во болница?
Доколку се сомневаат дека е прснат воденикот, препорачливо е да се упатат кон болница во краток временски период, без паника и без одложување.
Пациентката за кратко време може дома хигиенски да се подготови, да ги спреми најпотребните нешта што ѝ се потребни за кус болнички престој и да се упати кон болницата со документ за крвна група и Рх-фактор, мајчина книшка и друга медицинска документација (документи за евентуални придружни заболувања или операции).
Секогаш на трудниците треба да им се објасни кои се вистински контракции (болки) за породување.
Три контракции во 10 минути, кои траат подолго од 30 секунди секоја, кои се јавуваат во долниот дел на стомакот и половината, се знак дека породувањето можеби започнало.
Но ова е во зависност од бројот на претходни бремености и породувања.
Кај прворотка која сè уште не знае што да очекува и што е контракција, може да бидат и лажни припремни контракции кои се појавуваат во последните недели од бременоста, за разлика од кај повеќеротките.
Но, мора да кажам дека секоја бременост е приказна за себе и ниедна не е иста.
