Од Скопје до Дубаи: 1010 Architects и VS Interiors ја креираат глобалната визија на дизајнот – интервју со арх. Лука Радовиќ и арх. Стефанија Нусеибех
- Детали
- петок, 30 јануари 2026
„Секој проект за мене е можност да раскажам нова приказна, да внесам уникатен печат и да создадам простор кој влијае на тоа како се чувствуваме“, вели арх. Лука Радовиќ основач на 1010 Architects.

На оваа филозофија се надоврзува новата соработка со VS Interiors, водена од дизајнерката Стефанија Нусеибех која има долгогодишно искуство во проектирањето во Дубаи.
Ова партнерство е изградено врз заедничка визија, мајсторство и убедување дека архитектурата и внатрешниот дизајн се целосно поврзани во креирањето простори кои го носат секојдневното искуство на едно повисоко ниво.
Радовиќ, архитект по струка, е пример на успешен професионалец кој успеа да го реализира својот сон и да се истакне како водечка фигура во областа на архитектурата и дизајнот на ентериери. По завршувањето на студиите, тој ја основа својата компанија 1010 Architects, резултат на долгорочна посветеност, енергија и неисцрпен ентузијазам.
Со смелост и визија, Лука успеа да се истакне не само на македонскиот, туку и на регионалниот пазар, поставувајќи пример за тоа како знаењето, напорната работа и креативната страст можат да се претворат во уникатен професионален печат.

„Во 2012 година се преселив во Скопје со цел да студирам, што претставуваше важен чекор во мојот личен и професионален развој. По завршувањето на студиите, ја започнав кариерата во неколку локални, престижни архитектонски студија, каде што стекнав значајно практично искуство и ја изградив основата на мојот професионален пристап. По неколку години работа и учење, се одлучив да го исполнам долгогодишниот сон и да основам сопствено архитектонско студио. Денес, студиото веќе четири години континуирано еволуира, бележи стабилен раст и зад себе има низа успешно реализирани проекти. Тимот постојано се проширува, а нашата работа е препознаена по посветеноста, квалитетот и јасната визија за понатамошен развој.“ - раскажува Радовиќ.

Стефанија Нусеибех живее и работи во Дубаи веќе десет години како внатрешен дизајнер. Таа ја започнува својата кариера во престижна компанија која е ексклузивен претставник на италијански брендови за мебел и кујни, каде што стекнува огромно искуство во дизајнот и архитектурата.

Во 2020 година ја основа својата фирма VS Interiors и создава резиденцијални и комерцијални проекти со топли бои, природни материјали и винтиџ детали, создавајќи хармонични и автентични простори кои ја одразуваат индивидуалноста на секој клиент.
Почеток на соработката
„Првиот разговор веднаш покажа дека имаме слична визија за архитектурата и дизајнот, а тоа брзо прерасна во професионален синџир на идеи и проекти. Стилот на Стефанија плени со тивка сигурност и префинета автентичност, додека визијата е јасна и длабоко лична. Јас внесувам концептуална прецизност и стратегија, таа внесува емоција и уметничка слобода, создавајќи природен професионален баланс.
Нашиот фокус е свртен кон креативен и прецизен дизајн кој е модерен, безвременски и уникатен. Секој проект започнува со јасна визија, која води до комплетна реализација. Заедно ја спојуваме иновацијата во архитектурата со уметноста на внатрешниот дизајн за да создадеме простори кои не само што се визуелно импресивни, туку и го прават секојдневието поудобно и поубаво.“ – раскажува Радовиќ за идејата за новата соработка и додадената вредност која ќе ја добијат клиентите од истата.
Дубаи е глобален центар на иновативна архитектура — што ве мотивираше токму таму да го проширите присуството?
Стефанија веќе подолго време работи во Дубаи, па нашата соработка се проширува и таму. Нашата база останува во Македонија, каде продолжуваме да реализираме проекти, а истовремено се фокусираме и на интернационални проекти, вклучувајќи го и Дубаи, ОАЕ.
Тукушто завршивме три успешни резиденцијални проекти во Скопје, а во моментот работиме на два апартмани во Four Seasons Abu Dhabi.

Што мислите дека македонските архитекти можат да понудат на една таква светска сцена?
Македонските архитекти можат да понудат многу, бидејќи имаат технички способности на високо ниво и креативност која е потребна за успешен проект.

Која е вашата заедничка визија со Стефанија?
Нашата заедничка визија е создавање префинета естетика која остава траен впечаток. Секој простор треба да раскажува приказна. А секоја приказна треба да биде исклучиво ваша.



