Д-р Адела Стефанија, гинеколог акушер: „Ни барале да се породат на точен ден заради астрологија, односи во бременост се дозволени“
До кога може да се побара епидурална анестезија?
Епидурална анестезија може да се аплицира кога породувањето е во активна фаза, обично при отворање на маткиното устие од 3-4 сантиметри (но сè зависи од проценката на акушерот и анестезиологот), како и од очекуваниот исход на породувањето.
Најдоцна епидуралот или light-spinal може да се аплицира пред крајот на првото родилно време, кога има време и услови анестезиологот безбедно да ја постави.
Кога главата на бебето веќе е ниско и породувањето е во завршна фаза, тогаш најчесто е предоцна.
Кое е најдолгото породување кое сте го имале? Кога се одлучува за царски рез?
Постојат породувања кои траат и по 20 часа, особено кај прворотки. Но, постојат незапочнати раѓања со прснати воденици без активни контракции.
Сето тоа не треба да создава паника дека „породувањето“ трае со денови, туку треба да се остави извесно време за да се создадат соодветни услови за „зреење“ на грлото на матката (висок Бишоп скор), за да дојде до природна појава на контракции.
Одлуката за итен царски рез се носи кога нема напредок на раѓањето и покрај адекватни контракции, кога има знаци за фетален дистрес, при испаѓање на папочната врвца, абрупција на постелката, појава на еклампсија и други компликации од мајчино потекло, или накусо: кога ризикот за плодот или мајката станува поголем од користа од продолжување на природното породување.

Колку е важно искуството на акушерите?
Искуството е пресудно. Постојат моменти кога секунди одлучуваат, на пример, при заглавување на рамената на плодот или нагло паѓање на срцевите тонови.
При едно породување имавме случај каде плодот беше крупен, а рамената заглавени. Со соодветни маневри и координација со тимот, детето беше безбедно родено.
Таквите моменти бараат искуство, смиреност, знаење и рутинска сигурност.
Колку е важна соработката на пациентката?
Исклучително важна. Погрешното туркање може да доведе до исцрпеност или непотребни раскинувања на ткивата.
Кога пациентката го следи ритамот и насоките од лекарот и акушерката, породувањето е побезбедно и поконтролирано.
Многупати се случува пациентките да не знаат како да напнат или да не можат да разликуваат што е болка, а што напон, и во тој момент се клучни трпението, соработката и безрезервната доверба која се создава помеѓу лекарот и пациентот.
На нашата Клиника постои и „Школа за психофизичка подготовка на трудници“, која дава придонес кон подобра соработка и информираност за бременоста, породувањето и леунството.

Кои се најголемите грешки што ги прават пациентките и кои се вашите совети?
Најголемите грешки се паниката, задржувањето на здивот во погрешен момент, несоработката и неследењето на советите на тимот.
Советите се: доверба во тимот, правилно дишење, прифаќање и придржување кон инструкциите и психолошката подготовка во текот на бременоста.
Дали е опасно кога папочната врвца е замотана околу вратот?
Не секогаш. Често се работи за лабаво обвиткување кое лесно се отстранува при раѓање. Дури и ова е многу честа појава без последици и со поволен исход.
Може да се каже дека понекогаш имаме случаи на двојно или тројно замотана папочна врвца околу вратот на плодот, а породувањето минува во најдобар ред и по природен пат.
Итна реакција е потребна само ако има нарушување на срцевите тонови на плодот.

Од што зависи потребата од епизиотомија?
Епизиотомијата - деснострано благо засекување на меѓичката (перинеум), не се прави рутински.
Се применува кај прворотки (но не секогаш), кога постои ризик од неконтролирано распукување на ткивата, кога треба побрзо да се роди плодот или при инструментално оперативно завршување на породувањето.
Како го доживувате моментот кога ќе го донесете бебето на свет?
Секое породување е нова приказна. Моментот кога ќе се слушне првиот плач е како тивка експлозија на живот.
Кога ќе го ставиме бебето на градите кај мајката и ќе се сретнат за првпат нивните погледи и гласови, тоа е миг што никогаш не станува рутина.
И по толку години, тој прв здив на нов живот секогаш носи исто чувство дека сме сведоци на чудо!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
M. M. | Црнобело