Јаков Јозиновиќ за CRNOBELO по концертот во Скопје: „Деца ме препознаа во Крушево, ми ја пееја мојата песна - останав без текст“
- Детали
- сабота, 11 април 2026
„Дојдовме во Крушево, излегов од комбето и таму имаше автобус со деца од школо, дојдени на екскурзија, имаа по околу 10 години. И коментирам со менаџерката ‘Нема шанса да знаат кој сум’. Поминувам покрај нив и тие сите починаа на глас да ја пеат “Ја волим“. Останав без текст“, раскажа Јаков за CRNOBELO.com.

Еден од најисчекуваните концерти периодов беше оној на Јаков Јозиновиќ, младиот хрватски пејач кој преку ноќ стана миленик на цела една генерација, и кој полни концерти сали иако има само две авторски песни.
Но, Јаков има и неверојатна харизма, енергија на сцената, однос со публика, и она што се нарекува „Х-фактор“, а поради кој младото момче од Винковци има способност да ја плени публиката со збор, со песна, со насмевка...

По скопскиот концерт, каде тој два и пол часа играше и пееше, се симна меѓу публиката за да е близу до нив, а потоа се поклони и клекна на колена во знак на понизност пред големината на она што му се случува и го доживува, ни стана јасно зошто сите толку многу го сакаат.
Штом стапна на сцената почна врескање, а гласното пеење со него не прекина ни за миг.

А по концертот, кој беше и емотивен (Јаков на крајот и заплака) и весел, едноставно волшебен, неколку стотина луѓе се обидоа да стигнат до него, да се фотографираат, да разменат збор-два - се туркаа пред службениот влез со надеж дека ќе го видат одблизу.
Тој, пак, иако одвои малку време за фановите, одржа и мини прес конференција со македонските новинари.

И не ја криеше возбудата, па кажа дека сè уште е под силна импресија на тоа што самиот го доживеа на сцената.
„Јас сум тука веќе три дена, бев да го посетам и Крушево и Спомен куќата Тоше и некако се поврзав со луѓето.
Хрватска и Македонија се далеку, а сепак сите сме исти, и тоа го почувствував од првиот ден кога дојдов тука.

И многу ми е драго што го одржав првиот концерт во Скопје, во оваа голема арена, чест ми е што пеев пред оваа прекрасна публика и искрено ви кажувам, ова е најдобрата публика што ми дошла на концерт досега. Уште сум без текст, не знам што друго би кажал, искрено“, кажа тој.
Во деновите пред концертот често гледав Инстаграм Стори од мои пријатели кои го сретнале низ Скопје, а и во Крушево.
