Виктор Настески, работи 25 години на брод: „Децата и сопругата дојдоа да ме видат - тежок е животот меѓу брановите и семејството“
- Детали
- среда, 22 април 2026
„Најтешкото во мојата кариера не е во кујната, туку во срцето, а тоа е разделбата од семејството. Синот Леонид првпат се качи на брод кога имаше само шест месеци, уште во 2015 година. Овој Велигден сопругата и децата конечно ми беа гости повторно“, вели Виктор Настески од Скопје кој работи на крузери од 2001-ва година.

Виктор Настески од Скопје работи како шеф на кујна на крузери веќе 25 години. Тој вели дека работните задачи не му се најтешкото нешто, туку најтешко му паѓа разделеноста од семејството, кое живее во Скопје.
Виктор вели: „Работам на крузери од 2001 година, со сопругата заедно сме од 2009, а од 2013 во брак. Ќерката Матеа има 3 години, а синот Леонид 10 години“.
Но, годинава по долго време, неговата сопруга и двете деца имаа можност да го посетат на бродот каде што работи и токму во празничниот велигденски период.
Виктор споделува колку му значи ова за CRNOBELO.com и која жртва ја носи работата во странство:
„Најтешкиот зачин во мојата кариера не се наоѓа во кујната, туку во срцето, а тоа е разделбата од семејството.
Оние кои ја почувствувале оваа тежина на своја кожа, знаат дека нема поголема болка од километрите што ве делат од најмилите.

Токму затоа, секој момент кога успевам да ги донесам на брод е лек за душата.


Овој Велигден, мојот брод стана вистински дом, бидејќи сопругата и децата конечно ми беа гости.
Нашата бродска приказна почна одамна. Синот Леонид првпат се качи на брод кога имаше само шест месеци, уште во 2015 година.
Некогаш
Некогаш
Сега
Со години тоа беше наша традиција, сè додека животот не донесе паузи, пандемии и нови предизвици.

Од 2020 година, поради рестрикциите и фактот што работев на бродовите „Аркадија“ и „Аурора“, кои не примаат патници под 18 години, не успеавме да бидеме заедно на море подолг период.
Но, овој пат коцките конечно се наредија.


Бродот „Ventura“ ни ги отвори вратите, а велигденските празници ни овозможија Леонид да не отсуствува од училиште.
Логистиката конечно се поклопи и Шпанија стана нашата точка на средба за пет незаборавни дена.

