Жарко Димитриоски за татковството: „Ника е динамична и упорна - тоа кај мене го нарекував карактер, кај неа го викам инат“
Кој е најголемиот гаф што си го направил како татко?
Од денеска или општо (ха, ха)?
Татко не е татко ако не прави по нешто такво секојдневно.
Знам само како ќе ми каже „татоооо“ со еден тоналитет што само ние си го знаеме дома... Нема поубаво.

Колку од својот карактер препознаваш во карактерот на ќерката?
Mногу. Ника е динамична, енергична, храбра, упорна.
Тоа кај мене го нарекував карактер, а кај неа го викам инат.

А на кого личи повеќе, на тебе или на сопругата?
Луѓето велат на мене.
Јас пак гледам мешавина, идеална. Ама кога нешто ќе ја изнервира на мајка ѝ е (ха, ха).

Кој го избра името Ника?
Многу лесно и брзо се решивме.
Немавме дебати, немавме листи со 50 имиња, не се мислевме воопшто.
Просто некој од нас спомна дека е убаво Ника, се сложивме на лице мсто.

Која ти е најубавата работа поврзана со татковство? А која ти е најстресна?
Најубави се сите моменти кога ќе дојде да те гушне без причина.
Или кога со поглед ти кажува или ти бара нешто. Топло, детско, искрено до крај.
Најстресна е веројатно одговорноста која не се исклучува.
Со работа можеш да го затвориш лаптопот. Со дете - секогаш работиш.
Во позадина на умот секогаш имаш процес кој тече и не можеш да го паузираш.
Со време сфаќаш дека тоа не е далеку од стрес, тоа е грижа. А разликата е огромна.

Наскоро ќе добиете второ дете... Дали повеќе би сакал да е син, или уште едно девојче?
Уште не знаеме што е. И искрено воопшто не размислувам за тоа.
Убави се сите типични татко-и-син мисли и размисли, но ова што го имам со ќеркичката е нешто сосема посебно и понекогаш мислам нешто што не се достигнува лесно.
Но, убавината кај љубовта е дека е немерлива и може да се дава без крај, нема максимум.
Така што, секако љубовта во домот ќе порасне, а ќе видиме дали со уште една ќеркичка или синче.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело