Никола Поповиќ за 8 месеци стана популарен јутјубер: „Снимам од октомври 2025, се заработува добро“
Кој беше пресвртниот момент, кога сфати дека веќе те следат луѓе, забележуваат, дека уживаат во твоите видеа?
Пресвртниот момент за мене беше уште на самиот почеток, веднаш по објавувањето на првите видеа.
Почнав да добивам позитивни коментари, поддршка од луѓе и пораки дека сум „создаден за ова“ и дека треба да продолжам со оваа работа.
Таа поддршка ми значеше многу и до ден-денес ми е голема мотивација.
Секако, има и негативни критики, што е нормално за оваа работа, но јас ги гледам како дел од процесот.
Во секој случај, уште од стартот се виде дека постои интерес и дека вреди да продолжам да се занимавам со создавање содржина.

Кој ти е идол кај нас или во регионот, чии видеа сакаш да ги гледаш и од кои можеби некогаш се инспирираш?
Искрено, немам еден конкретен идол ниту од Македонија ниту од регионот.
Ги поддржувам сите креатори кои прават квалитетна содржина.
Ако нешто ми се допаѓа, го гледам, ако не, едноставно не го следам.
Инспирација црпам од различни извори - и од странство, и од Балканот, и од домашната сцена.
Сепак, најчесто идеите за видеа ми доаѓаат самостојно, сам ги осмислувам концептите и ги прилагодувам на мојот стил.
Што се однесува до познатите личности во Македонија, со дел од нив сум се запознал и тоа ми е навистина драго.
Се надевам дека во иднина ќе имам можност и за соработки со поголем дел од нив.

Памтиш ли некоја ситуација кога ти пришле луѓе зашто те знаат од интернет, кога дошле да се фотографираат со тебе?
Да, тоа веќе ми се случува на секојдневна база.
Многу често луѓе ми приоѓаат, ме препознаваат од интернет и сакаат да се фотографираат или да поразговараме.
Искрено, секогаш ми е мило и драго кога тоа се случува, затоа што тоа значи дека луѓето ја следат мојата работа и дека содржината што ја правам им остава впечаток.
Чувството е навистина посебно - кога гледаш дека некого си инспирирал или едноставно си му го разубавил денот со твоите видеа.
Тоа ми дава голема мотивација да продолжам понатаму.

Се среќаваш ли со критики и негативни коментари? Како се носиш со нив?
Да, се среќавам со критики и негативни коментари, што е нормално за оваа работа.
Јас критиката ја прифаќам, затоа што секогаш може да биде показател дека нешто треба да се подобри и да се работи повеќе на себе и на содржината.
Што се однесува до негативните коментари кои се без основа, едноставно не им придавам големо значење, или ги игнорирам, или ги прескокнувам.
А доколку некој коментар не е на место, го бришам, затоа што сакам мојата содржина да остане чиста и позитивна.
Така се справувам и се обидувам да останам фокусиран на позитивните реакции и на тоа да напредувам.

Раскажи ми една интересна анегдота од снимање...
Имаше еден доста интересен, но и малку непријатен момент кога отидовме да снимаме во Шуто Оризари.
Таму правевме еден тип на пранк во локални дуќани, меѓутоа некои од луѓето што работеа таму не беа баш расположени да се снима и не ни дозволуваа да продолжиме.
Не беше ништо сериозно или опасно, но нè предупредија и реагираа прилично остро.
Во тој момент ситуацијата стана малку напната, сите нè гледаа со сомнеж, па моравме брзо да прекинеме со снимање и да си заминеме.
На крај, ништо лошо не се случи, но остана како една интересна и поучна ситуација што ми покажа дека не секогаш снимањето оди како што ќе го планираш.
