Андријана Петрушовска за CRNOBELO: „Снимив албум со преработки на народни песни, приватно слушам хаус музика“

На прашањето дали низ кариерата се соочувала со предрасуди поради својот изглед и дали убавината некогаш ѝ била пречка, ни кажа:
„Секако дека имало предрасуди. Понекогаш луѓето прво го забележуваат изгледот, а дури потоа работата и трудот што стои зад еден артист.
Но јас отсекогаш сум сакала публиката да ме препознае по гласот, емоцијата и песните, а не само по изгледот.
На крајот, квалитетот и искреноста секогаш остануваат најважни“.

Таа промовира албум со стари македонски песни, но приватно, слуша разновидна музика, најмногу хаус.
„Сакам добра песна и музика без разлика на жанрот. Приватно најчесто слушам хаус музика.
Тоа е музика што ми помага да се релаксирам, да се наполнам со енергија и често ми е инспирација за нови идеи.
Во моментов најчесто ми се на плејлистата HUGEL и RÜFÜS DU SOL, а од домашните артисти посебно го почитувам и сакам да го слушам Кирил Џајковски.
Сметам дека тој е еден од ретките музичари кои успешно ги спојуваат традицијата и модерниот звук и токму затоа неговата музика има посебна тежина и препознатливост.
Кога станува збор за светската сцена, неизбежни ми се Whitney Houston и Michael Jackson како артисти кои оставиле огромна трага во музиката.
Од нашите простори, посебно ги ценам Калиопи, Каролина и нашиот неповторлив, еден и единствен Тоше Проески“, вели таа.

А новиот албум го наметнува прашањето и за некога концертна промоција.
„Секако дека размислувам за концерт. Секој пејач сонува за концерт на кој ќе ја сподели својата музика со публиката во живо.
Во моментов фокусот ми е на промоцијата на албумот и на тоа песните да стигнат до луѓето, но ако реакциите бидат убави, концерт е дефинитивно нешто што би сакала да се случи во блиска иднина.
Нема поубаво чувство од директната енергија што ја разменуваш со публиката“, додава таа.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело