Андријана Петрушовска за CRNOBELO: „Снимив албум со преработки на народни песни, приватно слушам хаус музика“
- Детали
- среда, 24 јуни 2026
„На сите нас Македонци ни е потребно одвреме-навреме да се потсетиме од каде доаѓаме и какво богато музичко и културно наследство имаме. Не смееме да ги заборавиме нашите корени“, вели Андријана за CRNOBELO.com и не ја крие возбудата пред промоцијата на својот прв албум.

По долги години на музичката сцена, Андријана Петрушовска денес (24.06) ќе го промовира својот прв албум, едноставно насловен „Ој девојче, девојче“. Ова е музичко издание на кое се наоѓаат неколку познати народни македонски песни, но со нов, посовремен звук.
Андријана, која на 17 години почна со свирки и настапи во живо, за CRNOBELO.com вели дека е првозбудена и едвај чека да ги сподели песните со публиката.
И додека проектот е посветен на народната музика, приватно таа најмногу сака да слуша хаус музика, а во овие песни наоѓа и инспирација.

За албумот, „Ѕвездите на Гранд“, но и дали убавината ѝ била некогаш пречка во кариерата, таа ни раскажа во интервјуто:
„Овој проект го подготвував подолго време затоа што сакав секоја песна да ја добие вистинската емоција и современ звук.
Албумот содржи 6 песни, а станува збор за преработки на безвременски македонски песни, претставени во модерен аранжман и ново музичко руво.
Сметам дека на сите нас Македонци ни е потребно одвреме-навреме да се потсетиме од каде доаѓаме и какво богато музичко и културно наследство имаме.
Не смееме да ги заборавиме нашите корени. Овие песни се вистински ремек-дела на македонската музика, а мојата желба е да им дадам нов живот и да ги доближам и до помладите генерации.
Навистина сум многу возбудена пред промоцијата. Ова е мојот прв поголем музички проект и зад него стојат многу труд, љубов и посветеност.

Едвај чекам публиката да ги слушне песните и да ги почувствува емоциите што ги вложив во нив.
Искрено, имам и мала трема, но мислам дека тоа е нормално кога нешто толку важно го споделуваш со јавноста.
Инаку, снимивме еден спот пред промоцијата на албумот и тоа само за носечката песна, „Ој девојче, девојче“, како што е и насловен.
Сакав да е едноставно, а да има убава приказна. Главниот лик во спотот го имаше мојата најдобра другарка, која одлично се снајде во својата глума.
Спотот беше снимен во моето прекрасно Драчево“, вели Андријана.

За настапите во „Ѕвездите на Гранд“, но и дали денес контактира со своите ментор и некои натпреварувачи, вели:
„Учеството во „Ѕвездите на Гранд“ беше едно големо искуство за мене и многу научив во тој период.
Со Ѓорѓе Давид сè уште сум во добри односи и останавме во контакт. Тој беше мој ментор и секогаш ќе го почитувам за советите што ми ги дал.
Со останатите немам некоја посебна соработка или редовен контакт.
„Гранд“ беше едно убаво поглавје од мојот живот, но денес сум фокусирана на мојот сопствен пат, на мојата музика и на градењето на мојот личен музички идентитет.