Успешни Македонци низ светот: Марина Ангеловска (30) работи во Booking во Амстердам на менаџерска позиција
- Детали
- вторник, 28 јули 2026
„Токму кога почнав да работам, и мојот тогашен дечко Вилијан (сега сопруг) се пресели од Македонија во Холандија, и оттогаш живееме заедно во Амстердам. Од Booking ме контактираше регрутер преку LinkedIn и ме праша дали сум заинтересирана да се приклучам. Имаме три различни ресторани со различна кујна секој ден, specialty coffee бар, многу gaming простории и разни активности за вработените“ - вели за CRNOBELO.com Марина (Machine Learning & Engineering Менаџер) и раскажува за животот во Холандија.

Марина Ангеловска (30) од Скопје, последните 7 години живее во Холандија, a моментално работи како Machine Learning & Engineering Менаџер во Booking.com во Амстердам.
Има студирано компјутерски науки и инженерство во Скопје, потоа заминува на магистерски студии во Холандија и Шведска, но сепак одлучува да се врати и вработи во Холандија.
Сега таа живее таму со својот сопруг Вилијан, кој од Македонија исто така се преселил во Холандија, а откако се регистрираа во Амстердам, неодамна направија свадбена веселба во Скопје.
За CRNOBELO.com, Марина раскажува за одлуката да се пресели во Холандија, кариерната патека, работата во Booking, животот во Амстердам и за тоа што ѝ недостига од Македонија...
Кога и зошто си замина од Македонија? Што те одведе во Холандија, а што те задржа?
Идејата почна да ми се врти во главата уште во средно школо. Кога патував низ Европа, гледав колку се средени градовите и функционираат системите, и токму тоа ме поттикна да посакам да живеам во таква средина еден ден.
Тогаш сè уште не знаев точно каде сакам да живеам, но знаев дека сакам да пробам друг начин на живот и да ги искористам можностите што ги нудат некои европски земји.
Во последната година од студиите по компјутерски науки и инженерство на ФИНКИ во Скопје, одлучив дека сакам да продолжам со магистерски студии по Data Science и AI во странство.
Направив истражување за тоа кои земји нудат најдобри универзитети во оваа област, каде би можела да се замислам себеси да живеам, и каде претходно, преку патувања, сум се чувствувала „како дома".
Ми беше важно и земјата да има организиран систем и квалитетен начин на живот. Двете земји кои влегоа во најтесен избор беа Холандија и Шведска, и тука на крај и аплицирав.
Добив стипендија преку EIT Digital, европска програма која нуди двојни магистерски дипломи во повеќе области. Едната година студирав на TU Eindhoven во Холандија, а втората на KTH во Стокхолм, Шведска.

Кон крајот на студиите аплицирав за истражувачка пракса во bol.com, најголемата холандска е-commerce платформа, и одлучив да се вратам во Холандија за последниот семестар.
Многу ми се допадна работата таму, па по дипломирањето природно продолжив со вработување во истата компанија.
Она што ме однесе во Холандија, беа магистерските студии. Но она што ме задржа е начинот на живот овде, лајфстајлот, можностите за кариера во голема тех-компанија, стартап или друга компанија во областа на AI.
Токму во овој период кога почнав да работам, и мојот тогашен дечко Вилијан (сега сопруг) се пресели од Македонија во Холандија, и оттогаш живееме заедно во Амстердам.
За Вилијан, Холандија не беше непозната средина. Во Ротердам има тетка и тетин со кои сме многу блиски, а како дете голем дел од летата ги поминувал кај нив.
Затоа, уште од порано имал посебна поврзаност со земјата и Холандија за него веќе претставувала втор дом.
Кога ја споделивме желбата за поорганизиран начин на живот, нови можности и поинаква средина за личен и професионален развој, одлуката тој да ми се придружи и да продолжиме да го градиме животот тука дојде сосема природно.

Каков е животот и секојдневието во Амстердам? Како функционираат луѓето, кои се секојдневните навики и каков е животниот стил? Ти недостасува ли нешто таму?
Амстердам е навистина преубав, организиран и среден град, токму она што го барав.
Нешто што ептен ми го прави Амстердам посебен е тоа што градот е постојано жив и нуди различни активности, без разлика какви хобија или интереси имаш, тешко е да ти биде досадно.
Секојдневно се движам со велосипед насекаде, толку е лесно и практично што веќе не можам да замислам да функционирам поинаку.

Она што особено ми се допаѓа е што градот е жив без разлика на временските услови. А штом ќе се појави првото сонце, буквално целиот град излегува надвор, парковите и терасите на кафичите се веднаш преполни.
Особено кога возам велосипед во сончев ден, навистина уживам да набљудувам како различни луѓе го уживаат животот на свој начин, некои изнесуваат кампувачки столчиња пред своите згради за да поседат на сонце со пиво, некои прават пикници во парковите, некои пливаат во каналите.

Луѓето овде водат навистина активен начин на живот. На пример, живееме близу Вондел Парк, главниот градски парк во Амстердам, и константно има огромен број луѓе што тренираат или трчаат низ паркот.
Друг интересен факт е дека луѓето имаат испланирани активности за најмалку следните три викенди однапред, било да се работи за патувања, активности или обични дружења со пријатели.
Луѓето овде излегуваат на вечера или на пијачка и сред недела, не само за викенд, слично како кај нас, но мислам не толку типично за други држави во западна Европа.
Интересно е дека четврток е типичниот „afterwork" ден кога се излегува со тимот или со колеги од компанијата, не петок бидејќи петокот обично е резервиран за семејство или пријатели надвор од работа.
Веројатно и поради хибридниот начин на работа, бидејќи многу луѓе не одат во канцеларија во петок.

Она што најмногу ми недостасува од Македонија се, се разбира, родителите, семејството, блиските другарки и другари, а посебно сестра ми.
Но со денешните летови не е тешко да се одржи блискост, тие ме посетуваат неколкупати годишно, а и јас одам дома неколкупати годишно, така што успеваме да поминуваме квалитетно време заедно.

Како успеа да стигнеш до работа во голема компанија како Booking и што работиш таму? Раскажи ни нешто интересно за процесот и патот дотаму...
По неколку години во bol.com, почнав да размислувам за нов предизвик и нова можност. Booking, се разбира, е една од најголемите ИТ компании со над 6000 вработени во Холандија, и веќе познавав неколку луѓе што работеа таму, па ми беше привлечна опција.
Но интересно е што всушност не аплицирав директно, ме контактираше регрутер преку LinkedIn и ме праша дали сум заинтересирана да се приклучам кон Booking.com.
Поминав низ целиот формален процес на интервјуа, и ја добив понудата за новата работа. Во тој момент добив понуда и од друга привлечна компанија во Амстердам, изборот беше тежок, но сепак се решив за Booking.
Кога се приклучив, работев како Machine Learning Scientist во тимот Trust & Safety, истиот тим што сега го раководам. Градев модели кои помагаат во мисијата да се заштити физичката и психичката благосостојба на нашите корисници.

По околу година и пол почнав да пробувам „double-hat" улога и да го искусам менаџерскиот дел од работата, нешто што особено ми се допаѓа кај Booking: без разлика на возраст или години искуство, ако постои вистинска можност и покажеш соодветни вештини и мотивација, компанијата дава простор да пробаш нова насока во кариерата.
Во мојот случај, мојот тогашен менаџер доби унапредување, и се отвори привремена позиција додека бараа постојана замена.
Јас се пријавив за да ја пополнам, и тоа беше и начин да проверам дали навистина ми се допаѓа менаџерската работа.
Излезе дека многу ми се допадна, добив позитивен фидбек, и оттаму започна мојот менаџерски пат. Во тој момент мислев дека можеби е рано, но се покажа дека не било.
Оттогаш улогата ми се прошири, официјалната менаџерска позиција ја добив по строг и ригорозен процес на интервјуа, а од минатата година опсегот дополнително ми се зголеми: сега не раководам само со machine learning тимот, туку и со software engineering тимот во рамки на истиот домен, Trust & Safety.

Како изгледа работата во Booking, каква е работната околина и атмосфера?
Во Booking сум веќе речиси четири години и навистина многу ми се допаѓа, константно учам и се надоградувам.
Она што особено ми се допаѓа е тоа што компанијата е толку голема, што луѓето кои се преместуваат меѓу различни оддели често кажуваат дека се чувствуваат како да смениле целосно нова компанија, иако формално си остануваат во иста фирма.
Мислам дека тоа е навистина посебно и нуди огромни можности за личен и професионален раст.
Друго нешто што многу го ценам е новата канцеларија, од пред две години во центарот на Амстердам.

Се сеќавам дека првиот пат кога влегов таму, ми личеше повеќе на трговски центар отколку на канцелариски простор.
Имаме три различни ресторани со различна кујна секој ден, specialty coffee бар, многу gaming простории и разни активности за вработените.
Еден интересен бенефит, редок дури и за холандски стандарди, е тоа што и таткото и мајката, во случај на новороденче, добиваат скоро еднакво отсуство од работа, изедначено родителско отсуство за двајцата родители.
Уште нешто интересно за Booking е што многу се нагласува не само „што" правиш, туку и „како" го правиш тоа, односно како соработуваш со другите, како овозможуваш работите навистина да функционираат.
Бидејќи сме голема компанија, важно е да се прават вистинските избори во начинот на работа, не само во резултатите.
