Успешни Македонци низ светот: Марина Ангеловска (30) работи во Booking во Амстердам на менаџерска позиција
Има ли голема разлика во работата во твојата област во Македонија и во Холандија? Постојат ли предрасуди за жени во технологија?
Немам директно работно искуство во полето на вештачка интелегенција (AI) во Македонија, па не би можела да споредам.
Кога станува збор за software engineering, особено по ковид и поголемите можности за remote работа, мислам дека веќе не е толку голема разликата во начинот на работа.
Она што можам да го споделам е искуството од компанијата каде што работам.
Она што е уникатно кај Booking е тоа што со илјадници вработени среќаваш луѓе од целиот свет, секој со различна приказна, националност и возраст, нешто што е вообичаено во Амстердам, но сепак помалку присутно во Македонија во моментов.
Што се однесува до предрасудите кон жените во технологијата, можам да кажам дека лично сум имала среќа.
Ниту за време на работата во Македонија, ниту денес во Холандија не сум почувствувала директна дискриминација или нееднаков третман.

Тоа, секако, не значи дека предрасудите не постојат. Напротив, тие сè уште се присутни, особено затоа што технологијата традиционално се смета за машка професија.
Едноставно, јас отсекогаш бев фокусирана на своите цели, верував во сопственото знаење и способности и не дозволував евентуалните стереотипи да ме обесхрабрат.
Полето и понатаму е претежно машки доминирано. За време на магистерските студии често бев единствената девојка во училница со стотици студенти, а истото ми се случуваше и во некои од тимовите во кои работев. Искрено, тоа никогаш не ми пречеше.
Напротив, ми даде дополнителна мотивација да покажам дека знаењето и резултатите немаат пол, но и да придонесам повеќе девојки да се охрабрат да изберат кариера во технологијата.
Токму затоа во Booking сум дел од интерната заедница Women in Tech, каде што организираме настани, менторски програми и различни иницијативи за поддршка на жените во ИТ-секторот.
Верувам дека ваквите иницијативи се важни, бидејќи создаваат простор за размена на искуства, меѓусебна поддршка и поголема видливост на жените во технологијата.
Но, истовремено сметам дека најважно е секој професионалец да биде вреднуван според своето знаење, вештини и резултати.
Целта не е да постојат различни критериуми за жените и мажите, туку еднакви можности секој да го покаже својот потенцијал и да напредува врз основа на своите способности.

Го знаеш ли холандскиот јазик? Дали е неопходен за работа и живот таму?
Моментално учам холандски и сум на ниво B1. Одлучив да го научам кога сфатив дека сакам долгорочно да живеам овде, иако во секојдневниот живот, особено во Амстердам, навистина не е неопходен за да функционираш.
Амстердам е еден од најинтернационалните градови во Европа, речиси половина од жителите имаат меѓународно потекло, а англискиот е дел од секојдневната комуникација.
Често ќе слушнеш повеќе англиски отколку холандски на улица, а сосема нормално е и во кафуле или ресторан да те услужи некој што воопшто не зборува холандски.
Мислам дека токму тоа е една од најголемите предности на животот тука. Во повеќето европски земји, дури и по неколку години, лесно можеш да се чувствуваш како странец.

Во Амстердам, пак, имаш чувство дека припаѓаш уште од самиот почеток. Градот и државата со години привлекуваат таленти од целиот свет, па интернационалната заедница е огромна.
И јас дојдов преку програмата за високо квалификувани кадри („highly skilled migrant”), што е само еден пример како Холандија активно привлекува луѓе со различни знаења и професии.
Сепак, иако можеш сосема нормално да живееш само со англиски, за мене учењето холандски е знак на почит кон земјата во која живеам и начин полесно да се поврзам со локалната култура. Затоа сакам да продолжам да го усовршувам.

Лесно ли се интегрираше, како те прифаќаат локалците?
Интеграцијата ми беше многу лесна во сите градови во кои живеев во Холандија, прво во Ајндховен, потоа кратко во Утрехт и Ротердам, пред да се преселам во Амстердам пред шест години.
За време на ковид, кога бевме само јас и мојот партнер, а работевме од дома, беше тешко да се запознаваат нови луѓе преку колеги или излегувања.
Тогаш кратко ја користев апликацијата Bumble, позната како апликација за dating, но има и BFF мод наменет за пријателства, каде се оди на таканаречени „пријателски dates".
Токму преку неа стекнав неколку пријателства, едно од нив сè уште активно денес.

Со текот на времето, особено по ковид, сè стана многу полесно. Кога почнав повторно да одам во канцеларија додека работев во Bol, секојдневно бев опкружена со холандски колеги и со некои од нив изградивме убави пријателства што продолжија и надвор од работното место.
Некои од нив дури дојдоа и да ја посетат Македонија. Постепено го проширивме нашиот круг на луѓе и денес имаме убаво друштво составено од Македонци што ги запознавме овде, но и од холандски и интернационални пријатели кои ги стекнавме низ годините.
Тоа е една од работите што најмногу ми се допаѓа во Амстердам, што можеш да изградиш пријателства со луѓе од различни култури и да се чувствуваш дел од една навистина интернационална заедница.
Што најмногу ти се допаѓа од животот во Холандија, а што најмалку?
Она што најмногу ми се допаѓа во животот во Холандија е квалитетот на живот што го нуди целиот систем.
Сè е добро организирано, инфраструктурата е одлична, јавниот превоз е брз и сигурен, а со точак можеш лесно да стигнеш речиси насекаде.
Особено ми се допаѓа и тоа што градовите се зелени, полни со паркови и канали. Кога доаѓаш од помала земја како Македонија, овие разлики навистина се забележуваат, од уредените улици и патишта, до чувството дека сè функционира како што треба.

Толку е добро организирано што дури и еднаш ми се случи велосипедот да ми го земе пајак служба, па морав казна да платам и да одам да си го земам, исто како пајак служба за автомобили кај нас.
Дополнителен плус е што од Амстердам можеш лесно да отпатуваш речиси каде било во Европа и светот, бидејќи има одлична авионска поврзаност.
Покрај тоа, многу ми се допаѓа и самиот лајфстајл. Секогаш има нешто интересно да се прави, концерти, фестивали, музеи, спортски активности, различни светски кујни, а плажата често е на само половина час возење.
