Валериј Ѓорѓиески, инструктор по пливање: „На децата со попреченост и оштетен вид треба да им се даде шанса да научат да пливаат“

Валериј Ѓорѓиески од Куманово е инструктор по пливање, кој е дел проектите: „Интегрирано пливање за деца со попреченост“ и „И јас можам, дај ми шанса“, поддржан од Здружение на слепи лица „Види Ме“, каде на децата со оштетен вид им се дава шанса да научат да пливаат. 

valerij-gjorgjieski-instruktor-po-plivanje-na-decata-so-poprechenost-i-oshteten-vid-treba-da-im-se-dade-shansa-da-nauchat-da-plivaat-01.jpg
фото: приватна архива на Валериј

За CRNOBELO.com ни открива повеќе детали, организација на часовите… Прочитајте го разговорот во продолжение.

Валериј со години си инструктор по пливање, а паралелно си вклучен и во различни проекти. Моментално работиш на проект посветен на деца со попреченост и со пречки со видот каде со твоја помош успеваат да го надминат стравот од водата и им ја исполнуваш желбата да научат да пливаат.

По неколкугодишна посветеност на ова поле со какви искуства се соочи?

Во пливачкиот свет сум веќе 7 години. Голема е одговорноста да се работи на вакви проекти со деца со попреченост и со пречки со видот, но пасијата спрема пливањето и желбата да помогнам на што е можно повеќе дечиња ми дава огромна мотивација во работата.

Дополнително ме исполнува фактот што можам да внесам ведрина во туѓите животи. На преден план нашата цел е да им ја одржуваме и подобриме психофичката состојба и социјализација на овие деца со што ги вклучуваме во општеството.

valerij-gjorgjieski-instruktor-po-plivanje-na-decata-so-poprechenost-i-oshteten-vid-treba-da-im-se-dade-shansa-da-nauchat-da-plivaat-3.jpg
фото: приватна архива на Валериј

Како е организиран еден час по пливање? Што е она што дечињата најмногу го сакаат?

Со секое дете има по еден инструктор по пливање. Тренингот се одвива со помош на пловки и помагала што им дава на децата поголема сигурност.

Децата со попреченост важно е да се ослободат од стравот и да влезат во водата. Преку разни вежби и игри тие полека се опуштаат и напредуваат.

Исто така многу важна работа е комуникацијата каде што дечињата стекнуваат доверба во својот наставник. Напредокот е очигледен бидејќи на тренинзите може да забележиме дека тие се среќни и пливањето е тоа што ги исполнува.

valerij gjorgjieski instruktor po plivanje na decata so osteten vid treba da im se dade sansa da naucat da plivaat 7
фото: приватна архива на Валериј

Во моментот човештвото е соочено со многу чуден период, но каков е одзивот на деца што доаѓаат на часови по пливање за време на пандемијата?

Во услови на пандемија одговорноста е голема. Ние работиме напорно и се трудиме да станат пливачи без разлика на околностите. Одзивот на децата е сè помасовен и се надевам дека и во иднина ќе остане така.

Ги охрабрувам и родителите и другите деца кои не се вклучени во проектот да не се плашат од предизвикот и да се вклучат. Морам да напоменам дека се придржуваме до сите мерки за заштита за време на тренингот.

Освен пливањето, децата остваруваат и нови пријателства. Со еден збор се социјализираат, бидејќи во време на една пандемија контактите се ограничени.

valerij-gjorgjieski-instruktor-po-plivanje-na-decata-so-poprechenost-i-oshteten-vid-treba-da-im-se-dade-shansa-da-nauchat-da-plivaat-4.jpgфото: приватна архива на Валериј

Проектите што ги спомена им овозможуваат дополнителен развој и социјализација на децата со попреченост, посебно во овие времиња на пандемија. Кои се придобивките видливи уште од самиот почеток?

Резултатите се видливи, уште од самиот старт. Имаме голем напредок кај поголемиот дел од децата, дури има случаеви и самостојно да пливаат без помагало.

Придобивките се неизбежни бидејќи пливањето помага за подобрување на моториката и психофизичкиот развој, како и за намалување на стресот.

Со какви очекувања пристапуваат родителите кога за првпат ги носат децата да ги запишат на часови по пливање?

Очекувања на родителите беа големи, но откако ги видоа резултатите и напредокот кој го постигнавме тие се многу задоволни. Целта е да се грижиме за социјализација кај дечињата и да се почувствуваат дека се добредојдени во општеството. Верувам дека проектот е од големо значење и за родителите бидејќи за жал во нашето општество целиот товар паѓа на родителите.

valerij-gjorgjieski-instruktor-po-plivanje-na-decata-so-osteten-vid-treba-da-im-se-dade-sansa-da-naucat-da-plivaat_3.jpg
фото: приватна архива на Валериј

Освен во општина Аеродром, постои ли и во други општини сличен проект на интегрирано пливање за деца со попреченост?

Моментално се одржува проектот „Интегрирано пливање за деца со попреченост“ поддржан од општина Аеродром и проектот „И јас можам, дај ми шанса“, поддржан од Здружение на слепи лица „Види Ме“ и Град Скопје.

Голема благодарност и до нашиот ментор и координатор на проектите професор д-р Иван Анастасовски кој се бори за интегрирано општество за сите.

Планирате ли да започнете и други проекти, кои ќе им обезбедат и на други дечиња да се вклучат во слични проекти?

Секако, и во иднина ние стоиме на располагање за одржување на вакви проекти и за реализација на истите. Се надевам дека и другите општини ќе го следат овој пример со што ќе вклучат уште многу деца да бидат физички активни.

valerij-gjorgjieski-instruktor-po-plivanje-na-decata-so-poprechenost-i-oshteten-vid-treba-da-im-se-dade-shansa-da-nauchat-da-plivaat-2.jpgфото: приватна архива на Валериј

За крај ќе ти го поставам уште прашањето, зошто луѓето треба да одат почесто на пливање?

Уште од најрана возраст треба да се почне со пливањето, како за децата така и за возрасните, пливањето го подобрува здравјето, а со тоа го продолжува и животниот век на човекот. Позитивно влијае врз кардиоваскуларниот и локомоторниот систем.

Со пливањето се забрзува аеробната физичка активност и во исто време се зајакнуваат сите мускули на телото. Им препорачувам на сите да не се двоумат и да почнат со пливање.

valerij gjorgjieski instruktor po plivanje na decata so osteten vid treba da im se dade sansa da naucat da plivaat 6
фото: приватна архива на Валериј

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: Е. Х. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Игор Стефановски - Иџе за татковството: „Никогаш не сум бил на родителска, ќерката повеќе личи на ме... „Со синот Олег разговарам отворено за сè и тоа ме радува. Неизбежно е на ти...
Ирена и Игор Марковски имаат две деца со дијабетес: „Синот почна да губи по 1 килограм преку ноќ, ка... „Дијабетесот не е болест туку состојба. Кај синот првите симптоми што нѐ насочиј...
Горан Пандев за татковството: „Присуствував на раѓањето на трите деца, најубаво ми е кога ќе заспием... „Моите три деца се родени во Италија. По нивното раѓање, кај нашите семејства во...
Педијатар специјалист Звезда Спасовска: „Детето треба да става играчки во уста за имунитет, лекови з... „Покачената температура е еден од најчестите симптоми кај децата кога се болни. ...
„Децата од нашата градинка секој ден се надвор, пешачат, играат и на дожд и во кал“: Интервју со Јас... „Во нашата градинка, децата секојдневно поминуваат 3 до 5 часа надвор. Ние верув...
Ребека, Македонка во Сан Франциско: „Животот ми приреди бура - како испливав нагоре без страв и омра... „Дефинитивно самодовербата се губи ако имате партнер кој не е тоа што сте го зам...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg