Интервју со Кристи, Филипинка мажена во Македонија: „Шест години живеев во Македонски Брод, најмногу сакам тавче-гравче“

По толку години сигурно можеш да ги согледаш разликите помеѓу Македонците и Филипинците. Што ти паѓа прво на памет кога ќе ги споредиш луѓето тука и таму?

Филипините и Македонија се два различни света. Во Филипините многу повеќе сме поврзани во семејството. На пример, одиме заедно на шопинг, секоја недела одиме заедно цело семејство во црква, заеднички ручек/вечера е задолжително и имаме огромна почит спрема постарите.

Исто така, децата се учат на нивните одговорности во домот од многу мала возраст, учиме како да готвиме, да чистиме, да помагаме дома, да бидеме дел од семејните обврски и не само женските, туку и машките ги учат овие одговорности во домот.

Во однос на образованието, имаме толку многу активности каде што децата можат да земат учество и да бидат активни и креативни (танц, музика, глума, готвење) и сето ова е во склоп на училиштата. Филипинците се доста работни луѓе, и секогаш се целосно посветени на работата.

kristi rejcel trajkoski na kruzer go zapoznala svojot soprug a vekje 10 godini zivee vo makedonija i gi promovira nejzinite ubavini 10

Да не се лажеме, сите сме носталгични. Што најмногу ти недостига од твојата земја?

Се разбира, на прво место е моето семејство. Многу е тешко што е огромна релација и не можеш често да патуваш, особено со деца. Последен пат бев на Филипините пред 4 години.

Ми недостасуваат прекрасните песочни плажи на Филипините и топлото време и нашата храна. Но, затоа со нашата филипинска заедница тука во Македонија се обидуваме да бидеме во контакт колку што е можно повеќе.

За сите поголеми празници се собираме и уживаме во нашата традиционална храна, музика и традиција.

Повеќе од 23 годините работиш со хотелиерство и угостителство, каква е услугата на персоналот во македонските ресторани и локали?

Да бидам искрена мислам дека може да биде многу подобро. Како прво, насмевката на персоналот тука во Македонија е многу скапа. Недостасува поголема посветеност на персоналот спрема гостите во македонските ресторани и локали.

Сметам дека со повеќе тренинзи и обуки услугата значително ќе се подобри. Но, истовремено оваа професија, исто како и секоја друга, мораш да сакаш искрено да ја работиш и да уживаш во неа за да бидеш добар.

kristi rejcel trajkoski na kruzer go zapoznala svojot soprug a vekje 10 godini zivee vo makedonija i gi promovira nejzinite ubavini 6

Кое ти е омилено традиционално јадење во Македонија? Што научи да готвиш од македонската кујна?

Морам да признаам дека имам огромна среќа што имам прекрасна свекрва којашто ме научи да готвам македонска традиционална храна. Обожавам да готвам и знам да ги готвам сите македонски јадења, а најомилено ми е гравче тавче, мусака и полнети пиперки.

Во Македонски Брод имаме своја градина за која во главно се грижеше мојата свекрва и секогаш имавме свежа и органска храна.

kristi rejcel trajkoski na kruzer go zapoznala svojot soprug a vekje 10 godini zivee vo makedonija i gi promovira nejzinite ubavini 11

Поради тоа што си патувач во душата, отвори Јутјуб канал каде на автентичен начин ги доближуваш убавините на Македонија пред твоите пријатели, а и на целиот свет. Кои се твоите омилени дестинации во Македонија?

Да, пред некое време со мојата другарка Весна отворивме Јутјуб канал. Обожавам да поминувам квалитетно време со моите пријатели и барем еднаш во неделата излегуваме да се дружиме и секогаш гледаме тоа да биде на некое ново различно место, затоа што сакаме да истражуваме.

Така и дојде идејата и така се вика и нашиот канал Let’s explore with Tetai. Македонија има прекрасни места кои вредат да се посетат дефинитивно.

Од омилени места можам да го издвојам Козјак, место каде што има прекрасен поглед.

За голема пофалба е тоа што успеа да го научиш македонскиот јазик. Но, како реагираат локалците кога ќе сфатат дека Филипинка го има научено нивниот јазик?

Па, во принцип се позитивно изненадени и им е мило. Така што поминува со смеење дури и кога правам грешки (сега за среќа помалку од порано).

Најтешко ми беше да ги запомнам оние зборови каде што има само една буква разлика. Никогаш нема да ја заборавам реакцијата на свекор ми кога ме праша што има за ручек, а јас му одговорив: „За ручек имаме желка (наместо зелка)“ или кога сакав да го прашам: „Дали си уморен? (а јас реков дали си умрен?) …“

Во принцип многу брзо го совладав македонскиот јазик затоа што веднаш штом дојдов во Македонија започнав со работа и се втурнав себеси меѓу луѓе. Тоа е единствен начин да научиш јазик, да почнеш да го користиш што е можно повеќе и да почнеш да размислуваш на тој јазик.

kristi rejcel trajkoski na kruzer go zapoznala svojot soprug a vekje 10 godini zivee vo makedonija i gi promovira nejzinite ubavini 9

Тука ќе го завршиме разговорот. Кои места во Македонија планираш да ги посетиш во следниот период?

Искрено плановите за посета на некоја локација или бизнис ја правиме ден-два пред да снимаме врз основа на нашето слободно време. Ни треба неколку часа да се договориме за текст и сценарио, и да се организираме за логистика.

Немаме некој посебен план и се движиме спонтано (по препорака на некои пријатели, ако видиме некоја интересна локација онлајн), а некогаш буквално се случува и рандом да излеземе на прошетка и да снимиме нешто без притоа да планираме.

На неколку пати нè имаат и контактирано и покането директно сопственици на одредени локали. Така што, буквално може да се појавиме секаде.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Е. Х | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Бродски љубовни приказни: Србинот Ненад и Перуанката Дафне, Карен од Мексико и Роман од Венецуела Врските на брод се познати по својот краток рок на траење, многу авантури за едн...
Хелена Роза по 4 години се врати од Нов Зеланд: „Заминав на 39 години, завршив факултет и сега со со... „2022 ми беше една од најубавите години - конечно зедов дозвола за возење мотор ...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg