Браво! Битолчанка, во време кога сè е дигитализирано, користи една од најстарите техники за изработка на фотографии

Кети Талевска е родена во Битола, каде што живее и работи. Со фотографија се занимава од своите 17 години, како член на фото кино клубот во Битола има учествувано на повеќе клупски, меѓудржавни и меѓународни изложби на фотографија.

keti talevska dobar fotograf znae da raskazuva bez zborovi 10

Студиите ги завршила во Марибор, а покрај фотографија се занимава и со снимање и монтажа на видеа, од документарни филмови, монтажа на музички видеа, телевизиски репортажи и видеа за културни настани. Краток период од својот живот има посветено и на стоп анимација и така настанала и нејзината работилница за стоп анимација која се одржа во Скопје и Битола. Покрај тоа, како ментор Кети била вклучена и во работилници за видеомонтажа и Камера Обскура.

Покрај сите овие активности се занимава и со спортско качување, планинарење и возење велосипед и тоа ѝ помага да се тргне од секојдневието и да собере енергија за нови проекти.

Пред неколку месеци во Битола ја имаше својата прва самостојно изложба насловена како „Меѓу папратите“, а беа изложени фотографии направени со лумен принт-техниката. Во времето кога сè е дигитализирано ти одлучи да се занимаваш со една од најстарите техники за изработување на фотографии, како дојде до таа одлука?

Никогаш не било полесно да се направи фотографија како денес, со помош на сите лесно достапни дигитални уреди и технологии. А колку е тоа поедноставно и лесно да се изработи високо квалитетна фотографија, толку станува потешко да се разбере процесот на изработување на истата.

Денес можеме да фотографираме буквално со секој телефон, таблет и слично. Сметам дека со напредокот на технологијата и олеснетото фотографирање авторите се оддалечуваат од својот индивидуален печат.

Тоа не е случај со аналогната фотографија како што е всушност и лумен-принт техниката. Тука не постојат филтри и дигитални опции кои ќе ти овозможат сите фотографии да изгледаат исти. И кој да ја проба оваа техника верувам дека ќе успее да најде свој уникатен израз со секоја изработена фотографија.

keti talevska dobar fotograf znae da raskazuva bez zborovi 7

До сега во Македонија немам сретнато некој што се занимава со оваа техника, ако не се лажам, можеби ти си и единствената во нашата земја. Што е она што сакаш да го покажеш на луѓето со тоа што ја актуализираш оваа заборавена техника на фотографирање?

Кај нас не е заборавена туку е непозната, но не и во светот. Голем број фотографи се занимаваат и ја негуваат оваа техника. Јас бев воодушевена од целиот процес затоа што можам да создадам фотографија без фотоапарат, односно да го заробам светлото на хартија.

На некои луѓе сè уште им е неверојатен целиот процес и ми беше драго кога на изложбата ми пристапуваа и ме прашуваа, па имав можност тоа да им го раскажам, покажам или посочам со фотографиите на мојата изложба.

keti talevska dobar fotograf znae da raskazuva bez zborovi 6

Да се научи некој стар занает или техника е голем предизвик во денешново време, но како успеа да дојдеш до потребното знаење, да го совладаш и на крај да направиш изложба на своите дела?

Во денешно време е релативно лесно за некои техники да се откријат со малку истражување и читање. Некои други алтернативни фотографски процеси се потешки за совладување, понатаму следи индивидуална работа и откривање на нови нешта од тој процес. Јас сè уште ја учам лумен техниката и не престанувам да се изненадувам колку многу можности нуди истата.

Многу сум му благодарна на Сашо Алушевски којшто се занимава со повеќе алтернативни фотографски техники и којшто ми ја посочи оваа техника. Тој го следеше и процесот на создавањето на делата и често се консултиравме во текот на целиот процес. Исто така сум му благодарна и на Владо Димоски кој даде авторски печат во опремувањето (врамувањето) на целата поставка и ме поттикнуваше да создавам. Така настана изложбата „Меѓу папратите“.

keti talevska dobar fotograf znae da raskazuva bez zborovi 4

Можеш ли да ни го објасниш процесот лумен принт-техниката или што значи да се фотографира само со светлината?

Лумен принт или луменограми во суштина се таканаречени соларни фотограми, односно фотографии кои се создаваат на фотоосетлива хартија без употреба на фотоапарат. На хартијата се поставуваат предмети кои ни се главниот мотив и тоа може да се разноразни нешта, секојдневни предмети, растенија или дигитални негативи.

Потоа фото хартијата се изложува директно на светлина и некогаш експонирањето може да трае со денови. Исто така во зависност од тоа што сакаме да добиеме може да се експериментира додатно со додавање на вода, бои, хемикалии и слично.

Резултатите се секогаш различни и уникатни. Невозможно два пати да се добие ист резултат. Можеби сличен, но не ист.

keti talevska dobar fotograf znae da raskazuva bez zborovi 2

Покрај лумен принт-техниката и фотографирањето со фотоапарат ти е дел од секојдневието. Портретите и пејзажите заземаат голем дел од твоето фотографско портфолио. Веројатно за секој фотограф е различно, но што е она што најчесто го воочуваш кај луѓето и сакаш да го замрзнеш за навек?

Секогаш ме инспирираат приказни од луѓе кои звучат едноставно, а сепак се длабоки и пренесуваат важни пораки. Поради тоа сакам да фотографирам такви спонтани моменти и луѓе во некоја активност.

Голем дел од слободното време ми поминува во активност, обично поврзано со планина и природа, па така имам многу фотографии што настанале во природа.

keti talevska dobar fotograf znae da raskazuva bez zborovi 1

Веројатно имаш своја омилена фотографија… Можеш ли да ни ја раскажеш приказната на нејзиното настанување?

Една од моите подраги фотографии ми е hello birdy фотографијата со девојчето и птицата која настана толку спонтано како што се и самите деца. Сакам да работам со деца, особено кога родителите се комотни да ги остават со мене, во такви ситуации често и на децата им е полесно и тие да се опуштат.

Така беше во овој случај. Немаше никакво местење или непотребно смислување пози за да се фотографира детето. Се беше баш како детска игра, девојчето си играше наоколу, собираше камчиња, трчаше и ги бркаше птиците. За оваа фотографија добив и награда на една од изложбите кои ги организира фото унијата на Македонија.

keti talevska dobar fotograf znae da raskazuva bez zborovi 5

Што е најпредизвикувачкото во тоа да се биде фотограф?

Секој момент за време на фотографирањето претставува предизвик. Снаоѓањето во различни ситуации, следење моменти или смислување на концепт за фотографија е предизвик за самиот фотограф.

keti talevska dobar fotograf znae da raskazuva bez zborovi 8

Тука некаде може да го завршиме разговорот. Според тебе што е она што некого го прави добар фотограф?

Освен потребното знаење на основите на фотографијата, добар фотограф сметам дека е оној што знае да се изрази, да раскаже приказна само преку слика. Добра фотографија е таа што ќе направи да патуваме низ времето. Да почувствуваме текстура, вкус или мирис само преку фотографија.

И не само тие чувства туку и среќа, носталгија, тага, еуфорија, неудобност и слично. Едноставно кажано добар фотограф знае да раскажува без зборови.

keti talevska dobar fotograf znae da raskazuva bez zborovi 3

BeFunky collage copy

© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Миро Кацаров за љубовта со Ивана: „Ни се случи љубов на прв поглед, по неколку месеци веќе почнавме ... „Ивана знае дека јас сум блесав и будала на свој начин, па не беше шокирана од з...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Интервју со Македонката која руши рекорди на ТикТок и Инстаграм со забавни јазични видеа - Која е Те... Таа е вистинско освежување на социјалните мрежи! Нејзините јазични забавни видеа...
Елена Ристеска: „Има многу злоба меѓу народот, се штитам така што никој не знае каде сум и што права... „Почесто плачам од радост, отколку од тага. Емотивна сум за блиски луѓе, за...
Барбара Поповиќ за CRNOBELО: „Имам италијански корени, ќе пеам на Сан Ремо“ „Од македонските музичари најблиска сум со Иван Јованов од Либеро бенд. Тој ми е...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg