Мартин Трпчевски нѐ врати во 2000-ите и се потсети на „Големи и мали“: „Косата ја фарбав неколкупати неделно“

„Паралелено со серијата ја снимав и култната и незаборавна емисија „99 action“ каде се појавував со разни бои на косата. Кога ќе се вратев на снимање на серијата, пак се фарбав во кафеаво, како Стево. Често бев збунет кој сум јас хахахах...“, споделува Мартин Трпчевски (42) од Скопје за CRNOBELO.com и се потсетува на времето во 2000-ите и култната „Големи и мали“.

martin-trpchevski-n-vrati-vo-2000-ite-i-se-potseti-na-golemi-i-mali-kosata-ja-farbav-nekolkupati-nedelno-01.jpg

Мартин Трпчевски (48) од Скопје во 2000 година, ја доби улогата на студентот Стево во популарната детска серија „Големи и мали“.

По нешто повеќе од две децении Трпчевски е далеку од камерите. Денес е семеен човек кој професионално се занимава со маркетинг во повеќе сфери, но и е директор во претставништво за Македонија на романска градежна компанија.

Оние кои беа деца и тинејџери кон крајот на деведесеттите добро се сеќаваат на неповторливата серија за деца „Големи и мали“ во продукција на МРТ.

За останатите, „Големи и мали“ е екранизација на истоимениот роман за деца од македонскиот писател Бошко Смаќоски. За првпат, романот бил објавен во 1966 година.

„Големи и мали“ како серија работена по романот на Смаќоски е приказ на случувањата во старо Скопје.

nazad-vo-2000-g.-so-martin-trpcevski-i-potsetuvanje-na-golemi-i-mali-po-nekolku-pati-vo-nedelata-ja-farbav-kosata-01.png

Приказната го отсликува односот меѓу возрасните кои се во непрекинат конфликт за банални работи, додека пак децата се инспирација да го поправат светот на возрасните.

Помеѓу големите и малите е и Судијата, кој е на страна на децата. Возрасен и осамен човек во подрумските простории на зградите.

И во целото тоа случување, од средина сосема поразлична како оваа, доаѓа студентот Стево. Тој ќе биде под кирија во еден од становите и сведок на сè и сешто, умешно инспирирајќи се да почне да пишува.

nazad-vo-2000-g.-so-martin-trpcevski-i-potsetuvanje-na-golemi-i-mali-po-nekolku-pati-vo-nedelata-ja-farbav-kosata-02.jpg

Во продолжение следи разговор со Мартин Трпчевски кој за CRNOBELO.com се потсети на спомените од тоа време...

Како се случи Мартин Трпчевски да ја добие улогата на студентот Стево во своевремено популарната детска серија „Големи и мали“?

Ех... времиња хахах. Кога се снимаше „Големи и мали“ тоа беше време на голема продукција на квалитетни македонски серии од страна на МРТ.

И пред оваа улога имам играно во разни детски серии и филм, па така ми се јави режисерот и ме повика на разговор.

Детално и прецизно ми кажа што се очекува од ликот на Стево во серијата „Големи и мали“ и знаев дека на едноставен начин ќе се вклопам во улогата.

Предност ми беше што некако со годините се поклопував со ликот. Секако како што ја читав книгата, сценариото и течеа сите проби и подготовки, сè повеќе го совладав ликот на Стево.

Инаку Стево е студент, млад човек на некои дваесеттина години, кој едноставно доживува културен шок. Доаѓа во средина каде што сè е поразлично од тоа на што е научен.

Секојдневно гледа и слуша озборувања, кавги, неправди... живее во врева, па токму тоа и ќе го инспирира да почне да пишува.

nazad-vo-2000-g.-so-martin-trpcevski-i-potsetuvanje-na-golemi-i-mali-po-nekolku-pati-vo-nedelata-ja-farbav-kosata-03.jpg

Какви спомени буди тоа време од денешна дистанца кај Мартин Трпчевски?

Секое време е убаво на свој начин, нели? Време во кое тогаш ние повеќе или помалку бевме деца, млади луѓе и можеби толку не нè засегале некои работи како што тоа е од денешна дистанца.

Сепак тогаш имаше една поинаква дружба, на друг начин се функционираше. Никој на никого не му ѕвонеше на (фиксен) телефон, едноставно се знаеше каде можеш да го најдеш друштвото хахах.

Денес пак со дигиталната технологија некои работи се променети, но пак тука се и некои привилегии што си ги носи самата по себе.

Каде се снимаше серијата?

Серијата се снимаше на повеќе локации, бидејќи така си бараше и самото сценарио. Во суштина целото снимање е во скопски Хром.

Оние сцени кои требаше да се снимат надвор, најчесто нели тоа беа децата како играат или пак возрасните како вообичаено се расправаат, се играа пред едни црвени згради во Хром.

Додека пак снимањето на сцените во станови навистина се снимаа во реални станови, односно во зградите пред кои се снимаше екстериерот.

Имаше и некои снимања во околината на тие згради, паметам дека снимавме некои сцени и кај жолтиот мост тука во Хром.

nazad-vo-2000-g.-so-martin-trpcevski-i-potsetuvanje-na-golemi-i-mali-po-nekolku-pati-vo-nedelata-ja-farbav-kosata-04.jpg

На кои интересни моменти и по 20 години од снимањето на серијата се сеќава Мартин Трпчевски?

Па ги има многу, но најтешко е вака кога треба во момент да се сетам на нешто интересно. Знам дека се случуваше некогаш така заразно да нè фати смеа и тоа траеше и траеше, па често правевме паузи на снимања.

Се сеќавам исто така дека и по неколкупати во неделата ја фарбав косата. Паралелено со серијата ја снимав и култната и незаборавна емисија „99 action“ каде се појавував во разни бои на косата.

Кога ќе се вратев на снимање на серијата пак се фарбав во кафеаво, како Стево. Често бев збунет кој сум јас хахахах...

Колку во денешно време, кога има наплив на секакви содржини, недостасуваат македонски детски серии како што беше „Големи и мали“?

Мислам дека одговорот е повеќе од јасен. Жалам што никој не смогна сили да ги извади од депоата сите оние серии и филмови кои некогаш ги продуцираше МРТ и да ги дигитализира.

Тоа е едно такво богатство кое е навистина штета да пропадне и да замине во неповрат. Мислам дека тие серии заслужуваат да бидат погледнати и од денешните млади луѓе и деца.

Тоа се „Втората смена“, „Големи и мали“, „Цвеќе на карпата“ и тоа се серии и филм на кои веднаш ми текнува, бидејќи сум играл во нив. Ништо од тоа не е дигитализирано.

nazad-vo-2000-g.-so-martin-trpcevski-i-potsetuvanje-na-golemi-i-mali-po-nekolku-pati-vo-nedelata-ja-farbav-kosata-05.jpg

Кој е приватно Мартин Трпчевски и каде се гледа во овој период од животот?

Мартин Трпчевски е семеен човек кој некогаш постојано беше пред камерите во разни улоги, но денес не е баш така. Сега сум во еден поразличен професионален свет.

Иако пред некоја година повторно имав ангажман, но во нешто поразлично, иако не дека непознато. Сакам да поминувам квалитетно време со моите блиски и драги луѓе.

Сега засега мислам дека добро ги канализирам желбите и плановите така што верувам дека така ќе продолжам и понатаму.

nazad-vo-2000-g.-so-martin-trpcevski-i-potsetuvanje-na-golemi-i-mali-po-nekolku-pati-vo-nedelata-ja-farbav-kosata-06.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Д. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Сестрите Татјана и Тамара (24) од Свети Николе изработуваат бајковити креации за мали принцези и мај... Сестрите близначки, Татјана и Тамара Маневи, вљубенички во модата и дизајнот, на...
Весела Богдановиќ од Битола е една од 50-те најдобри учителки во светот: „Избегнувам да давам тестов... „Ако учениците се среќни ќе бидат активни и фокусирани, а јас ќе бидам смирена, ...
Христина од Кичево е мајка на предвреме родено дете: „Имав нормална бременост, дури по 2 години сфат... „Две недели по раѓањето на Леонид состојбата му се влоши, за што лекарите не сак...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg