Деталите за исчезнувањето и трагичната смрт на 27-годишната девојка во Грција, чиј татко обвинува за силување
- Детали
- среда, 21 јуни 2023
„Без сомнение, Анастасија е киднапирана, силувана и убиена. Нејзиниот дечко ни кажа дека е исчезната истата вечер. Кога пријавил во полиција, прво го игнорирале. Но, кога наш пријател интервенираше во амбасада, почнаа да прават нешто“, вели таткото на 27-годишната Анастасија од Полска чие свирепо убиство во Грција го разбранува регионот.

Деновиве случајот на 27-годишната Анастасија од Полска го разбранува регионот бидејќи станува збор за убиство, и тоа на дестинација што е популарна – грчкиот остров Кос.
Телото на девојката беше пронајдено во вреќа покриена со гранки, а за нејзиното убиство моментално е уапсен маж од Бангладеш.
Според достапните информации, Анастасија Патрисија Рубинска периодов живеела во Грција, каде што работела како келнерка.

На 12 јуни заминала на забава на островот Кос, а вечерта му се јавила на дечко ѝ и му кажала дека била пијана. Таа му рекла да се сретнат, како и дека нашла превоз.
Но, Анастасија не се појавила на договореното место, па нејзиниот 28-годишен дечко веднаш пријавил во полиција.
Анастасија последен пат била забележана на мотоцикл со непознат маж, додека GPS уредот на нејзиниот телефон покажувал потполно поразлична локација од местото на коешто требало да се сретне со дечко ѝ.
Благодарение на снимки од безбедносни камери, полицијата го идентификувала главниот осомничен со кој Анастасија била на мотоциклот – 32-годишен маж од Бангладеш, по што го уапсија.

Во недела (18.06) грчките власти соопштија дека го нашле телото на Анастасија.
На себе Анастасија немала облека, а телото било пронајдено на само околу еден километар од домот на потенцијалниот убиец.
Во неговата куќа, пак, биле најдени ножеви, ДНК од Анастасија, како и авионски билет за Италија, купен по исчезнувањето на Анастасија.
Според британскиот медиум Mirror, осомничениот изјавил дека вечерта имал секс со Анастасија во неговиот дом, но потоа ја оставил со мотоциклот и таа си заминала.

Greek City Times пренесува дека се најдени и личните работи на Анастасија, како облеката што ја носела, чевлите и чантата. Она што било чудно е тоа што во чантата немало пари, па се претпоставува дека осомничениот ги зел.
Во меѓувреме, дечкото на Анастасија неколкупати бил на испрашување, па се вратил во Полска. Но, оттаму ќе ја продолжи соработката во истрагата.