Деталите за исчезнувањето и трагичната смрт на 27-годишната девојка во Грција, чиј татко обвинува за силување

Неодамна се огласи и таткото на Анастасија – Андреј Рубински.
Неговата изјава за полски медиум ја пренесува грчкиот Protothema:
„Утрото (кога ја најдоа), сопругата ми се јави и ми рече дека ќе оди со дечкото на Анастасија да го идентификува телото. Дознавме дека нејзиното тело било во ужасна состојба поради жешкото време.
Идентификувањето требаше да биде претходниот ден, но веројатно сакале да го подготват телото за сопругата да не доживее шок. Мислам дека Анастасија умрела вечерта помеѓу понеделник и вторник.
Анастасија беше добра девојка, но понекогаш беше невнимателна. Мислеше дека сите се пријателски настроени. Беше прекрасна девојка.
На почетокот мислев дека ја однеле во некој бордел. Но, кога 32-годишниот осомничен ѝ кажа на полицијата дека се сретнал со неа и дека ја оставил, знаев дека целата ситуација не може да заврши добро“.

Андреј вели дека уште кога исчезнала ќерка им, имал лошо претчувство. Дури и ја советувал сопругата да се подготви за најлошото пред да отидат во Грција.
Тој смета дека осомничениот, заедно со другите мажи кои биле со него таа вечер, ја издрогирале Анастасија. Односно, дека сè било испланирано.
„Можеби во неколкуте часа што ги поминала со нив ѝ ставиле нешто во пијалакот. Кога му се јавила на дечко ѝ, му рекла дека некој маж ќе ја донесе да се видат. Но, наместо тоа, ја однел на некое пусто место.
Без сомнение, Анастасија е киднапирана, силувана и убиена. Нејзиниот дечко ни кажа дека е исчезната истата вечер. Кога пријавил во полиција, прво го игнорирале. Но, кога наш пријател интервенираше во амбасада, почнаа да прават нешто.
Дечкото на Анастасија беше вклучен во потрагата уште од почетокот. Кога ги гледал снимките од безбедносни камери, заклучил дека Анастасија е на мотор со некого. Според регистарските таблички на моторот, полицијата успеа да го идентификува мажот од Бангладеш“.
Истрагата уште е во тек, а наводно осомничениот маж продолжувал да тврди дека е невин.
Спирова С. | Црнобело