Една од најтажните љубовни приказни е онаа за балканските Ромео и Јулија - живееле неразделни, умреле прегрнати
- Детали
- вторник, 20 мај 2025
Тие биле млади и вљубени уште од средно училиште во Сараево. Нивните животи згаснале на најтрагичен начин на само 25 години. Телата со денови им стоеле прегрнати, без никој да ги помести. Приказна што наежува и е симбол за бесмисленоста на војната и поделбите.

Приказната за Бошко и Адмира е една од најтрагичните и најтрогателните љубовни приказни од војната во Босна и Херцеговина во 1990-тите. Таа е симбол на човечката љубов и трагедија во време на бесмислена омраза и насилство.
Бошко Бркиќ бил Србин. Адмира Исмијаловиќ била Бошњачка (Муслиманка).
Тие биле млади и вљубени уште од средно училиште во Сараево.

Нивната љубов траела седум години, и и покрај сè што ги делело во тој период - етничка припадност, верска различност и најтешкото - војната таа опстанала.
Во 1993 година, во екот на опсадата на Сараево, Бошко и Адмира решиле да побегнат од градот.
Биле уморни од војната, поделбите, омразата и страдањата. Сакале да започнат нов живот некаде далеку од војната.

На 18 мај 1993 година, тие се обиделе да преминат преку таканаречената линија на разграничување меѓу српските и бошњачките сили, преку мостот на реката Миљацка во Сараево.
Таму биле застрелани од снајперист. Двајцата имале по 25 години.

Преку посредници однапред било договорено дека ниту една страна нема да пука додека Бошко и Адмира го преминуваат мостот и одат кон подобар заеднички живот.
Планот изгледал совршено, а убава слика за иднината му се насмевнувала на младиот пар.
Додека се држеле за рака, со повремено потскокнување на Адмира и заеднички насмевки, го преминувале мостот. Но, тогаш снајперски истрели го раскинале сончевото сараевско небо и се спуштиле врз симболите на вечната љубов.
Прв паднал Бошко и неговиот живот веднаш згаснал.
Следниот истрел ја погодил Адмира, на два чекора од него. Тешко ранета, девојката успеала со последните атоми сила да доползи до мртвиот Бошко, да се прилепи до него во прегратка и таму да го испушти својот последен здив.
Телата на Бошко и Адмира останале на мостот со денови, бидејќи двете страни одбивале да ги повлечат телата, обвинувајќи се меѓусебно.