Туристи оставаат пешкири на плажа во Полихроно преку ноќ: „Лежалките се безобразно прескапи, но ова чување место е дно“
- Детали
- четврток, 19 јуни 2025
Лежалки и пешкири на плажа во Полихроно ги поделија мислењата - за едни е дно што се оставаат преку ноќ за да се фати место за сабајле, за други ова е подобро отколку да се даваат по 10-20 евра за лежалка. Кој е вашиот став?

Години наназад на Фејсбук постојат неколку групи кои се посветени на летувањето во Грција, а каде членовите споделуваат искуства, совети, препораки, се фалат и се жалат на тоа што го доживеале додека биле таму на одмор.
Но, една од последните објави, ги подели мислењата.

Станува збор за фотографија од Полихроно, на која се гледа како во малиот слободен дел од плажата, помеѓу два бич-бара кои имаат поставено лежалки, на песокот се оставени пешкири, лежалки и столчиња, од туристи кои си чуваат место за следниот ден.

Оваа пракса, очигледно е изненадување за извесен Марко Маре Милутиновиќ, кој ја објави фотката во групата Live From Greece, а кој во својот коментар, делува згрозено од тоа што го гледа.
„Не е Индија, не е Пакистан... Ова се српски туристи во Полихроно, лето 2025. Се согласувам дека Грците се избезобразиле што наплаќаат за лежалки 10, 15 и 20 евра плус консумација, но ова е ‘сељачизам’ и дно.
Веројатно ќе наидам на осуди но, немам зборови... Ова е само мал дел, има уште 4-5 вакви „парчиња“ од плажата зафатени... Можеби ова е нормално, но првпат сум на Касандра и очекував многу повеќе.
А што се однесува до цените, тие се поскапи од некои грчки острови...“ - пишува Марко во објавата.

По ова почна да се води дебата во коментарите.
Маж, кој за себе вели дека е 15 години туристички водич, му одговори дека „ако може да си дозволи секој ден да плаќа од 20 до 40 евра за лежалка на плажа, не треба да ги навредува оние кои не можат да си го приуштат тоа и да ги нарекува ‘сељаци’, па му порача да оди на Малдиви ако не му се допаѓа тоа што го видел во Полихроно“.

Други го бранат, велејќи дека има луѓе кои не му ја сфатиле поентата и дека Марко се згрозува над фактот што преку ноќ се оставаат пешкири и лежалки за да се чува место за следниот ден, а не дека ги исмева луѓето кои со себе на летување носат свои сламарици и чадори за сонце.

Интересно е што минатата година, на неколку плажи на Халкидики, градските власти преку ноќ ги собираа и фрлаа оставените лежалки и пешкири, а годинава, барем досега, тоа не е пракса.
Кој е вашиот став за оставањето лежалки и пешкири преку ноќ на плажа?

Објавата која предизвика голема дебата, можете да ја погледнете ТУКА.
А. Ј. | Црнобело
