Тројца Срби во фиќо се хит во регионот! Од Власотинце до Калитеа без клима: „Браво, каков дух“ (фото+видео)
- Детали
- среда, 13 август 2025
„Имам ‘нормален’ автомобил, ама отсекогаш сум сакал да имам фиќо и со него да отидам на море. Одамна зборувавме за ова со другарите, па решивме да тргнеме на пат - малку го потсредивме, направивме сервис, вози без проблем, но правевме подолги паузи за да го одмориме моторот“ - вели Јован (23) кој со своето жолто фиќо е вистински хит во регионот.

Тројца другари од Власотинце (гратче на околу 17km од Лесковац) се вистински хит во регионот, откако решија со фиќо да стигнат на море во Грција.
На социјалните мрежи се споделува видео и неколку фотографии од тројцата момци, кои тргнале на пат во фиќо, една од првите марки автомобили кои се возеа во некогашна Југославија, а кои денес или не се во возна состојба или љубителите на автомобили си ги чуваат како колекционерски експонати, но ретко се гледаат по улиците, особено на автопат.
Токму затоа тројцата пријатели и нивното жолто фиќо станаа вистински хит во регионот.
Без клима, со багажник врз автомобилот на кој ставиле стар куфер како во минатото (во кој имале резервни делови и алат), тргнале на авантура долга скоро 500km.
Тројцата пријатели својата приказна ја раскажаа за српски „Курир“, па откриле дека фиќото е од 1981 година и дека патувале со просечна брзина од 80-90km/h, а дека патот го поминале за околу 7 часа.

„Имам ‘нормален’ автомобил, ама отсекогаш сум сакал да имам фиќо и со него да отидам на море.
Одамна зборувавме за ова, па кога пораснавме, решивме со другарите да ја реализираме идејата.
Малку го потсредивме, направивме сервис и тргнавме на пат.
Вози без проблем, патувавме околу 7 часа, но правевме подолги паузи за да го одмориме моторот“ - рекол Јован Крстиќ (23).

На Фејсбук групата Live from Greece беше објавено видео од нивното патување, со опис дека глетката била неверојатна и мамела насмевки на сите што го виделе жолтото фиќо на плажите во Грција, низ улиците на Калитеа и на автопатот.
Многумина застанувале и да се фотографираат покрај него.

А коментарите на социјалните мрежи се воодушевувачки:
„Нивната авантура ме потсети на дамнешните патувања, кога на море се одеше бавно, но со срце“,
„Ма браво бре, каков дух!“,
„Вашата авантура нема цена“,
„Браво цареви“,
„Ви посакувам уште многу километри“ - се дел од коментарите.

Тие беа фотографирани и на граничниот премин Евзони, на излез од Грција кон Македонија и меѓу многуте нови автомобили, уште еднаш покажаа дека се вистински хит.

Кликнете на видеото:
А. Ј. | Црнобело