Поради наркотици го изгуби семејството, заврши во затвор - Тешкиот живот на актерот Бане Видаковиќ
- Детали
- недела, 14 септември 2025
„Се откажував долго време, без никакви лекови. Се мачев, лежев кај мојата кутра мајка Грозда, таа ми носеше супа и облека за пресоблекување. Кога завршив, отидов кај пријателка докторка за да ми земе крв и да ми каже колку сум оштетен. Ме предупреди никогаш повеќе да не се откажувам ‘на суво’, бидејќи сите органи можат да пукнат“, вели српскиот актер во својата исповед.

Актерот Бане Видаковиќ беше еден од најнадежните српски актери во 1980-тите.
Но, ѕвездената слава беше засенета од неговата зависност од наркотици, поради која со текот на времето го загуби семејството, а тој дури и заврши во затвор.
Пред извесно време, Бане Видаковиќ бил примен на одделението за токсикологија во болница во Белград, откако негов роднина го нашол на подот поспан и целосно дезориентиран.
Иако медиумите пишуваа дека се предозирал со метадон и бупренорфин, тој самиот демантирал, велејќи дека само паднал поради неговата тежина и жештината.
„Само се струполив од топлината, ништо страшно, сè е во ред. Се чувствувам добро, сè е во ред. Сè уште сум дебел и тоа е тоа“, рекол актерот.

Сепак, тоа не бил првпат да заврши во болница поради користење опијати и за тоа неколкупати зборувал јавно.
Во една пригода тој раскажал како успеал да престане да користи хероин.
„Се запрашав дали сакам да се занимавам со глума или со ова? Ја сакав глумата доволно за да бидам подготвен да издржам што е потребно.
И воопшто не беше лесно. Се откажував долго време и со големи тешкотии, без никакви лекови.
Се мачев, лежев кај мојата кутра мајка Грозда, таа ми носеше супа и облека за пресоблекување.
Кога завршив сè, отидов кај пријателка докторка за да ми земе крв и да ми каже колку сум оштетен. Ми рече дека имам голема среќа, сè беше во ред.
Ме предупреди никогаш повеќе да не се откажувам од хероин ‘на суво’, бидејќи сите органи можат да пукнат“, рекол актерот во својата исповед.

Првпат пробал хероин во 1979-та, кога имал само 20 години, по што почнал пеколот.
„Во наше време тоа беше нормално. Хероинот го носеа студенти кои демек студираа тука, а всушност се издржуваа со негова продажба.
Ние дотогаш само пушевме трева, ама кога се појави ова, само пламна преку ноќ.
За една година цел Белград, всушност, неговиот интелектуален дел, се навлече. Бевме млади и сакавме да пробаме сè“, раскажал тој.
Како што минувало времето, неговата зависност станувала посилна, а тој почнал да се освестува што прави многу подоцна, кога голем дел негови пријатели починале од ХИВ.

Поранешната сопруга Јасмина ја запознал кога имал 23 години и веднаш се заљубил во неа.
„Таа беше модел на ревија за фризури, по што отидовме на роденденска забава на заеднички пријател.
Цела вечер свирев песни од Стиви Вондер на гитара, а таа ми пријде и ми рече: ‘Кој друг го свири Стиви Вондер на гитара?’,“ се сеќава актерот.
Една година по венчавката го добиле синот, Матеја, а пет години подоцна ќерката Мајда.

Иако ја криел зависноста од сопругата, проблемите почнале кога на неа почнале да ѝ се јавуваат луѓе на кои им должел пари.
Таа го оставила, се преселила во Холандија, а потоа и децата заминале да живеат кај неа.
„Долго време се обвинував себеси за пропаднатиот брак, а и децата сигурно го правеа истото.
Сепак, денес сме супер, зашто тие се возрасни и зрели луѓе и ги разбраа моите проблеми од тој период“, вели актерот.

Но, проблемите на Видаковиќ не завршиле тука. Во јули 2020 бил уапсен, откако полицијата кај него пронашла 20g хероин скриени во медицинската заштитна маска.
По неколку месеци беше осуден на парична казна од 100.000 српски динари за нелегално поседување хероин за лична употреба.

А. Ј. | Црнобело