Застрашувачки сцени од пожарот во облакодерот „Vjesnik“ во Загреб, еден од симболите на новинарството во Југославија
- Детали
- вторник, 18 ноември 2025
Од синоќа, пожарникарите во Загреб се борат со огнот што го зафати облакодерот „Vjesnik“. Првично пожарот беше ставен под контрола, но утрово повторно избил, а надлежните уште ја истражуваат причината.

Облакодерот „Vjesnik“ во Загреб, кој е еден од симболите на градот, синоќа беше во пламен.
Како што пренесуваа хрватските медиуми пожарникарите прво гаснеле внатре, но кога пожарот почнал да се проширува од петтиот кат нагоре, морале итно да ја напуштат зградата.
Продолжиле со гаснење однадвор, а борбата со огнот траела цела вечер.
На официјалниот Фејсбук профил на Противпожарната служба во Загреб беа споделени и морничави фотографии од запалената зграда.
„Добивме дојава за густ црн чад и видлив пламен што излегувал од зградата ’Vjiesnik‘ на повеќе катови. По пристигнувањето на местото на интервенцијата, противпожарните екипи почнаа со гаснење на 15-тиот кат.
Набрзо по почетокот на интервенцијата, пожарот се прошири на сите катови од 5-ти нагоре, поради што пожарникарите мораа итно да го напуштат објектот и да преминат на надворешно гаснење.
Надворешното гаснење беше отежнато поради паѓањето на стакло и делови од конструкцијата од повисоките катови.
По реорганизирањето започнавме со детална проверка и гаснење на објектот од подрумот кон врвот.
На фотографиите можете да видите како изгледа интервенција во вакви услови. Благодарност до сите за посветената работа“, стои во објавата.
Утрово, Vecernji list сподели дека ситуацијата е под контрола, но околу 9:20 часот, повторно избувнал пожар на самиот врв на облакодерот.
Областа околу облакодерот е затворена за јавност, додека пожарникарите уште се борат со стихијата.
Гаснењето ќе продолжи во текот на денот, додека причината за пожарот уште не е утврдена.
Инаку, облакодерот „Vjiesnik“ своевремено важел за една од најмодерните згради во Европа и беше симбол на градот.
Проектиран е во далечната 1957 година, од архитектот Антун Улрих, а неговата изградба траела девет години – од 1963 до 1972 година.
Со препознатливата фасада, дизајнот на зградата бил инспириран од американските деловни згради.
Конструкцијата на зградата со широк отворен простор била идеална за новинарски редакции, па во златната доба, овде биле сместени неколку медиуми, како дневниот весник Vjesnik , потоа Vecernji list и низа спортски весници и магазини.
Овде се печателе и изданијата на некои од најпопуларните стрипови во Југославија, како „Алан Форд“.
По политичките промени во 1990-тите, новинарските редакции постепено се „иселиле“ од познатата зграда и имало низа спорови за сопственоста на зградата, но таа сепак останала еден од симболите за новинарството во поранешна Југославија.