Сите детали за скандалот во Хрватска - поет, поддржувач на педофилија, доби награда, се згрози и Дарко Лешоски
- Детали
- понеделник, 30 март 2026
„Корумпирани научници и лекари, исто како и необразованиот народ, јавно во медиумите ја осудуваат педофилијата како болест, веројатно за да не ја изгубат работата“, гласи изјава на хрватски поет кој ја доби една од најзначајните поетски награди. По бурните реакции на јавноста, наградата му беше одземена, а за целата ситуација се огласи и нашиот поет Дарко Лешоски.

На 21-ви март се доделуваше најпрестижната награда за поезија во Хрватска – „Гораново пролеќе“.
Но, годинашниот избор на жирито предизвика лавина реакции, па на крај наградата беше одземена од поетот.
Наградата му беше доделена на 77-годишниот Милко Валент, но само неколку денови подоцна, јавноста почна да реагира за негови поранешни изјави, во кои тој брани педофилија.

Во интервју од 2022 година, поетот ги споделил своите ставови за педофилијата кои уште тогаш биле пречекани со осуди од хрватската јавност.
Дел од неговата изјава гласи:
„Корумпирани научници и лекари, исто како и необразованиот народ, јавно во медиумите ја осудуваат педофилијата како болест, веројатно за да не ја изгубат работата. Жалосно, тажно, грдо“.

Во истото интервју Милко Валент споделил и критика за казнувањето на луѓето кои поседуваат или дистрибуираат детска порнографија, па дури и зачудено истакнал дека казната за ова дело некогаш е и затвор.
Во контроверзното интервју, поетот како да кажува дека педофилијата е сосема нормална појава:
„Во природата на луѓето, односно на цицачите, особено кај постарите, постои желба за сексуален однос со помлади“.
Според поетот, ова било одамна познато во некои делови на светот, како и дека педофилијата била „природна сексуална ориентација“.

Реакциите за поетската награда почнаа да се појавуваат неколку денови по доделувањето, главно на социјалните мрежи.
Покрај љубителите на пишаниот збор, се огласија и експерти, како социолози, писатели и преведувачи, а некои споделуваа и спорни стихови на поетот.
Дел од нив истакнуваат дека поетот отсекогаш бил контроверзен и во негови дела пишувал за табу теми како инцест. Но, за јавноста е неприфатливо тоа што наградата ѝ е доделена на личност која го брани едно од најбруталните злосторства.
По многуте реакции, на 25-ти март беше објавено дека на поетот ќе му биде одземена наградата.