Ален е дете родено од силување во војната во БиХ: „Го најдов биолошкиот татко и го прашав зошто ја силувал мајка ми“
- Детали
- сабота, 04 октомври 2025
„Пред мене се појави ‘ист јас’, само постар. Му се претставив, а тој ми рече ‘Знам кој си’. Го прашав зошто ја силувал мајка ми, а тој реагираше многу бурно. Негираше, рече не ја познава. ДНК тестот потврди дека ми е татко, а тој тврди дека е наместен. Ме болеше што ме лаже в лице“ - вели Ален Мухиќ, кој се соочил со биолошкиот татко, откако и мајка му го напуштила 2 дена по раѓањето.

Ален Мухиќ од Горажде во БиХ е маж кој е роден од силување во војната по распадот на Југославија. Мајка му го родила, но го оставила по само 2 дена во болницата кајшто е роден, а тој имал 9 години кога дознал дека е посвоен.
Многу години подоцна го сретнал својот биолошки татко, па го прашал зошто ја силувал мајка му.
Својата потресна приказна Ален ја раскажал во емисијата „Недељом у 2“.
Ален открива дека неговата биолошка мајка била силувана во 1993 година во Фоча, за време на војната во Босна и Херцеговина.
Домарот на болницата, каде што се породила таа, Мухарем Мухиќ, секој ден го носел дома кај неговата сопруга Авдија и ќерките Алмира и Јасмила, па на крајот го посвоиле момчето.

Ален имал девет години кога дознал дека Адвија и Мухарем не се негови биолошки родители, а дека неговиот биолошки татко ја силувал неговата мајка.
Тоа што дознал дека не е нивно дете не сменило ништо во односот на Ален со луѓето кои го посвоиле. Секојпат кога ќе го прашале чиј е, тој велел дека родители му се Мухарем и Адвија.
Својата мајка Адвија ја опишува како лавица, борбена и решителна жена.
„Се караше со луѓето, ме бранеше кога ќе ме наречеа четничко копиле. Скокаше во истиот момент кога некој ќе пробаше да ме навреди.
И сестрите ми беа штит. Ме носеа во раце кога бегавме од гранатите“ - рекол тој.
Зборувајќи за сè што преживеал, признал дека некои моменти од минатото се исклучително болни за него дури и денес, и дека го обликувале емоционално.
А за да се ослободи од тежината, тој решил да зборува за тешка тема и напишал книга со наслов „Јас сум Ален“.
Вели, тоа го направил за луѓето да бидат поотворени за децата родени од воено силување, зашто, според него таквите деца се целосно невидливи со децении.

Во интервјуто тој се присетил и на средбата со својот биолошки татко, кој живее на околу 30 километри од неговото место.
На покана на пријател, тој отишол таму за петочна молитва, без да помисли дека токму во тоа гратче ќе го сретне биолошкиот татко.
„Не се надевав дека ќе го сретнам сè додека еден човек не ми рече: ‘Предмалку го видов татко ти’. Тогаш решив да тропнам на неговата врата.
Пред мене се појави ‘ист јас’, само постар. Многу сме слични. Му се претставив, а тој ми рече ‘Знам кој си’. Дојдов таму неподготвен.
Го прашав зошто ја силувал мајка ми, а тој реагираше многу бурно. Негираше, рече дека не ја познава. И покрај ДНК тестот што потврди дека е мој татко, тој тврдеше дека е лажен и наместен. Ме болеше што ме лаже в лице“ - рекол Ален.

