Мајката праќала вулгарни пораки на синот, за таткото бараат 15 години затвор - Крај на судењето на родителите на убиецот од „Рибникар“
- Детали
- четврток, 11 јуни 2026
За таткото се бара максимална казна затвор, а прочитани се и пораки што си ги испраќале мајката и малолетниот убиец од „Рибникар“ - тој ѝ пишува дека ја мрази, во една порака таа му пишува „е*и се сине!“.

Скоро три години по масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“, кога во мај 2023 година, 14-годишниот Коста Кецмановиќ уби 10 луѓе (9 деца и чуварот во училиштето), судењето против неговите родители е во завршна фаза.
Адвокатите вчера (10.06) ги изнеле своите завршни зборови, велејќи дека мајката Миљана во ниеден момент не покажала емпатија кон жртвите, и за неа се бараат 3 години затвор.
За таткото Владимир, пак, сметаат дека не треба да има олеснителни околности, знаејќи дека оружјето со кое е извршено убиството е негово и дека тој го учел малолетниот син да пука.
Казната што ја бараат за него е 14 години и 11 месеци, што е скоро 15 години затвор.
Таткото е обвинет за кривични дела загрозување на безбедноста и занемарување на сопственото дете, додека мајката е обвинета за занемарување на дете.

Во завршните зборови во постапката против Миљана и Владимир, еден од адвокатите на семејствата на убиените деца, читаше и содржината од пораките кои биле пронајдени при прегледот на телефоните на Миљана и нејзиниот син, пишуваат српските медиуми.
Дел од преписката е од 2020 година, три години пред ладнокрвното убиство, а содржината на пораките предизвика бурни реакции кај сите присутни.
Според адвокатот, малолетниот Коста на мајка си Миљана во една порака ѝ напишал: „Те мразам“.
Во 2022 година, таа, пак, му испратила вулгарна порака која гласи: „Е*и се, сине“.
Миљана на Коста му праќала и пораки во кои пишува: „Сè отиде во пропаст... Јас сум на училиште, навистина нè срамиш, не сум мајка од која треба да се срамиш, дури и да сум најлоша, јас сум твоја мајка“.

За време на завршните зборови, адвокатите на семејствата на жртвите изнесоа нови, непознати детали за однесувањето на малолетниот убиец пред масакрот.
Тие велат дека со анализа на содржината на телефонот, компјутерот и другите уреди, е утврдено дека малолетниот Коста гледал експлицитни содржини на интернет непосредно пред злосторството, додека неговата помлада сестра била во истата просторија.
Адвокатите тврдат дека меѓу пребаруваните содржини имало и такви што вклучуваат „луѓе и животни“, оценувајќи дека тоа фрла дополнителна светлина врз неговото однесување во периодот што му претходел на масакрот.
Судот во Белград го закажа изрекувањето на пресудата за 18 јуни.
А. Ј. | Црнобело