Констракта му е идол, се шета со пластичен јастог – Лук Блек e српскиот претставник на Евросонг 2023
- Детали
- недела, 05 март 2023
Претходно имал уште еден обид да ја претставува Србија на Евровизија, Констракта му е пример за музичар, а пријавувањето на изборот за евровизиска песна му бил последен обид да ја спаси музичката кариера – Кој е Лук Блек, момчето што ќе ја претставува Србија на „Евросонг 2023“?
Важеше за голем фаворит пред финалната вечер на изборот за песна што ќе ја претставува Србија на „Евровизија“, а Лук Блек (31) ги потврди очекувањата и синоќа (04.03) беше избран за да настапува на Евросонгот во Ливерпул и да ја претставува својата земја.
По минатогодишниот успех на Констракта на „Евровизија“, Србија годинава им даде простор повеќе на младите музичари што пласираат алтернативна музика и малку поинаков звук од традиционалниот.
Песната „Samo mi se spava“ не успеа да ги освои гласовите од жирито, но благодарение на гласовите од публиката се пласира на 1-во место на годинешниот избор за српски претставник на „Евровизија 2023“, а Лук Блек ќе отпатува во Ливерпул.
фото: YouTube - принтскрин
Лука Ивановиќ, попознат како Лук Блек по потекло е од Чачак, а инаку е кантавтор и прв соло изведувач што има ексклуззивен договор со Universal Music Group.
Тој пишува авторска музика од 2005-та година. На 12 години почнал да пишува текстови, а на 16 почнал да компонира музика и да пишува аранжмани. Две години подоцна се преселил во Белград каде студирал англиски јазик и книжевност.
Денес Лука може да се пофали дека има два факултети и мастер од областа на музичката продукција. Тој веќе 6 години живее и работи во Лондон каде што ја напишал песната „Samo mi se spava“.
Ова не беше негов прв обид да отпатува на Евровизија. Во 2016-та година се натпреваруваше за српски претставник на Евросонг со песната „Demons“, но таа година победата ја зема Сања Вучиќ.
Ексцентричниот Лука, наградата ја зема во друштво на пластичниот јастог, за кого рече дека му е најдобар пријател, а претходно во изјава откри дека смета оти Констракта му го отворила патот за настап на „Евровизија“.
„Сметам дека Pesma za Evroviziju се промени во последната една година во однос на тоа како што ја доживував.
Го доживував фестивалот така што сметав дека на него мора да се пријави некој потрадиционален звук или девојки што се пооскудно облечени.
За себе не можам да кажам дека сум пејач или текстописец, повеќе би рекол дека сум уметник. Затоа мислев дека за мене таму нема место, но откако Констракта победи, тоа е некој мој тип на музичар со кој што би можел да се чувствувам добредојден“ – вели тој.
Инаку, на Лук синоќа наградата му ја врачи токму Констракта, а тој го откри советот што таа му го дала пред настапот.
„Ми рече да се смирам, да се забавувам и напорно да работам. Ќе барам совет од неа. Морам да ја задржам нејзината смиреност, а сепак да бидам многу подив на настапот“ – рече тој.
Лук исто така откри дека минатата година бил решен целосно да се откаже од музиката, но сепак, се пријавил за изборот за песна за „Евровизија“, само за да го направи последниот обид пред целосно да отстапи.
„Се исплати“ – вели тој.
Погледнете го настапот на Лук Блек во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





