Александра Шијакоска искрено за мајчинството: „Беше ризично да се породам спонтано поради уредот во главата, но имав желба за тоа“
- Детали
- понеделник, 05 мај 2025
„Ретко плачам и само блиските знаат што сè сум пребродила со насмевка на лицето, ама постпородилна депресија ти била сериозна работа. Седев и плачев без никаква причина. Дали ќе бидам добра мајка, дали заслужив втор живот, како ќе го оправдам, со која сила ќе го пораснам“, вели Александра Шијакоска, која одговараше на прашања за мајчинството, породувањето, синот Риан...
Инфлуенсерката Александра Шијакоска Весели, која пред 7 месеци стана мајка на Риан, преку Инстаграм одговараше на прашања поврзани со бременоста, мајчинството, синот...
Оваа нејзина одлука ја поттикна порака од девојка која ја следи на социјалните мрежи, а која вели дека Александра е меѓу поотворените личности на Инстаграм, и побара од неа да сподели совети за новите мајки во однос на доењето, дохранувањето, успивањето на синот.
„Навистина би ни било од корист на нас, новите мами, да зборуваш за мајчинството, со оглед на тоа што се наоѓам во еден таков хаос околу доењето, а гледам дека нè има доста овде на Инстаграм“ - пишува, меѓу другото во пораката што ја добила Александра.
По тој повод, Шијакоска напиша:
„Знам дека останав должна да ви одговорам многу работи, со оглед на тоа што не престигнувам да отворам пораки редовно. Па, ајде да одговориме некои десетина прашања, ете фокусот нека е ставен на бременоста, мајчинството или што и да ве интересира. Прашајте си...“
Едно од првите прашања за Шијакоска беше: „Како си? Ама искрено“.
„Искрено најискрено, има денови кога ми се ‘сите овци на број’ и сум среќна, а богами, има и такви кога се распаѓам на сто дела. После ми треба некое време да се составам и да почнам од ново.
Со една многу голема разлика од претходно - сега во таквите моменти не можам да си дозволам ‘да исчезнам’ или да експлодирам како претходно. Имам приврзок 24/7 кој зависи од мене“.
Ја прашаа и дали се породила спонтано или со царски рез, на што, Александра напиша:
„Иако многумина беа против мојата одлука за спонтано породување, со оглед на мојата претходна здравствена состојба, бев одлучна, па со поддршката од докторката успешно го поминавме целиот процес.
Не смеев да вложувам голем физички напор поради уредот во главата, но благодарение на мојот висок праг на толеранција на болка, епидуралот, помошта од докторката, сестрите и анестезиологот кој беше присутен цело време, сè помина многу полесно од очекуваното.
Природниот инстинкт за преживување сите го носиме во себе“.
Таа додаде и дека е презадоволна од целиот тим на луѓе кои ја породувале, па вели дека би родила уште најмалку 2-3 деца.
„Животна желба ми е голема фамилија, секако доколку тоа е план на Господ и ми дозволува здравјето“ - вели Александра.
Следбениците ја прашаа и дали се породила природно или со епидурална инјекција.
„Хммм, не дека сум експерт за оваа или која било друга тема, но според мене, под „природно породување“ спаѓаат и спонтаното породување - со или без епидурал - како и царскиот рез.
На крајот на денот, најважно е мајката и бебето да се добри, а начинот на пораѓање воопшто не е важен. Тоа е моето мислење“, вели Александра.
Таа додаде дека се породила со провокација, што била одлука на нејзината докторка.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





