„Бев на 'Глумците пеат' - експлозија од енергија, а Весна Петрушевска со драг кралиците беа кулминација на вечерта“
- Детали
- понеделник, 09 јуни 2025
Весна Петрушевска ни отпеа „Strong Enough“, среде нејзините здравствени битки и предизвици и ние навистина веруваме во тоа – таа е доволно силна за да се избори со сè, таа е поим за моќна жена и за актерка од највисок ранг. Во придружба на неколку драг кралици нејзиниот настап беше кулминација на вечерта која го славеше театарот. Македонија има културна публика, која е жедна за настани од овој тип!
Вчера (08.06) бев на првото од двете изданија на „Глумците пеат“ за 2025-та, кое се одржа во Македонскиот народен театар, а кое на сцената ни донесе експлозија од енергија и кабаре од највисок ранг.
Уште пред влезот започна забавата кога „Мерлинки“ им правеа пречек на гостите и имаше фотографирање со нив.
На крајот од настанот, пак, имаше здравица со вино, разговори и споделување импресии од доживеаното пред МНТ, покрај кејот на Вардар.
Од самиот старт на настанот кога актерите учесници истрчаа од разни влезови и движеа меѓу публиката до моќната музичка придружба од 24 музичари на сцената при изведбите, ова шоу ги задоволи апетитите на публиката која виде и театар и музика споени на совршен начин.
Многу светки, перје, сексапил и светски хитови од 80-тите зачинети со по некоја строфа од нашите култни „Во наше село чешма шарена“ и „Лажи, Вере“.
На сцената издоминираа нашите млади и талентирани актерки кои ни се преставија како Славици, кои всушност се лавици. Eдна од совршените Славици беше и нашата актерка Емилија Мицевска.
И навистина беа вистински лавици затоа што тие беа срцето на ова шоу и енергијата на секоја изведба. Некогаш во главна улога како вокалистки, некогаш како танцова придружба.
Аплаузите не изостануваа и во деловите со скечеви со двајцата симпатични полицајци и инспекторката, како и со избеганите осомничени по кои се водеше потрага.
Рубенс Муратовски издоминира на сцената, како и актерката Билјана Драгиќевиќ – Пројковска.
Слично беше и со младите актери Лазар Христов, Антонио Ташковски и Јаков Спасов.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





