Писмото од мајката на Вања ги крши срцата: „Судскиот процес ми е како секој ден да ја погребувам ќерка ми, но морам - поради сите мајки“
- Детали
- четврток, 12 јуни 2025
„Ја киднапирале и ја однеле. Ја убиле безмилосно, на најбрутален начин. Детето мое. Вања не е само број на жртва. Вања беше живот – со очи, со глас, со планови. Таа беше ќерка, сестра, внука, братучетка, другарка. Имаше 14 години и како секоја деветоодделенка се радуваше на долгоочекуваната полуматура...“, трогателно споделува мајката на убиената Вања на крајот од тешкиот судски процес.

На Фејсбук вирално кружи писмото од мајката на Вања, девојката чиј живот беше прерано згаснат, на само 14 години, во грозоморно убиство. Случај кој ја потресе и ја зави во црно Македонија.
За крајот од судскиот процес мајката на Вања напишала трогателно писмо за својот ангел, кое, за жал, според зборовите на Маја Мартиновска не било дочитано до крај во судот.
Маја во целост го сподели писмото од мајката на Вања, кое вирално се споделува.
Писмо кое сака да покаже дека Вања не е само бројка и писмо кое сака да порача дека на ниту едно дете и на ниту едно семејство ова не смее да му се случи никогаш повторно.
Маја Мартиновска напиша:
„Вчера (11.06), за време на завршните зборови на обвинителството во случајот за Вања, судот не дозволи писмото на мајката да биде прочитано до крај.
Гласот на мајка која изгуби дете на најбрутален начин, беше ‘стишан’ во судница. Јас, со нејзина дозвола, го објавувам нејзиното писмо во целост – затоа што има право да биде чуена“.

Писмото од мајката на Вања:
„Почитуван Суде,
Се обраќам до Вас не само како мајка на Вања, туку како човек кој живее со најтешка и необјаснива болка.
Скоро една година, целата јавност внимателно го следи овој макотрпен судски процес. Сите обвинети се изјаснија дека не чувствуваат вина за делата што им се ставаат на товар.
Во текот на процесот, беа презентирани низа материјални докази и сведоштва. Секојдневно и насекаде слушаме различни теории на заговор, одбрани базирани на наводни политички прогони, местенки, безбројни приговори...
Но, за жал, еден факт останува непобитен - Вања ја нема.
Ја киднапирале и ја однеле. Ја убиле безмилосно, на најбрутален начин. Детето мое.
Кога ќе слушневме за некој немил настан низ светот, на двете мои ќерки им велев дека вакви работи во Македонија кај нас не се случуваат. Далечни ми беа.
Но, се случи. И тоа токму мене, на моето најмило.
И не смее да се повтори. Ниеден родител не смее да го доживее тоа што јас го доживеав – да го испрати детето во училиште и по една недела да го најде во мртовечки сандак.
Вања не е само број на жртва.
Вања беше живот – со очи, со глас, со планови.
Таа беше ќерка, сестра, внука, братучетка, другарка. Имаше 14 години и како секоја деветоодделенка се радуваше на долгоочекуваната полуматура.
Правеше планови за зимување и летување со другарчињата од одделението и подготвувајќи се за новите предизвици со кои требаше да се соочи во средно училиште - жалеше за разделбата од соучениците од основното училиште.
Вања сакаше да гледа стари филмови од 70тите и 80тите. Ги знаеше знамињата и главните градови - буквално на сите држави во светот.
Кога ќе ја заинтересираше некоја тема, ја проучуваше детално, наоѓајќи одговор за секое прашање.
Ја сакаше историјата, а најмногу сакаше да го проучува холокаусот - не можеше да разбере како е можно да се случи такво зло на толку луѓе.
Секое утро со музика се подготвуваше за на училиште. И тоа утро – последното утро, стана, си ја пушти омилената песна и потпевнувајќи, се подготви на училиште.
Ја испратив до врата и и реков „се слушаме, мама, подоцна”. Тоа беше последен пат да ја видам.
Вања не ја дочека полуматурата. Не ги дочека ниту патувањата со соучениците, не дочека ниту да ги искуси предизвиците на средното училиште, на новите другарства, на првата љубов, на создавањето на свое семејство и остварување на личните амбиции...
Цела генерација на деца, соученици на Вања, доживеаа силна траума од нејзината насилна смрт.
Долгоочекуваната полуматура ја дочекаа во солзи, без волја да се забавуваат без својата другарка.
