Сашко Коцев ќе бил Матеј, Каролина е крстена по прабаба ѝ - Како требало да се викаат познатите Македонци?
- Детали
- недела, 23 ноември 2025
Каролина Гочева за CRNOBELO.com откри дека додека растеле, секогаш мислела дека на сестра ѝ Александра ѝ се паднало поубавото име, оти едната е крстена по прабаба, а другата по прадедо. Татјана Стојановска за малку ќе била Слободанка, а името на Нора Шаќири на арапски значи „светлина“.

Повеќето од нас имаат интересна приказна зад името што го носат.
Некои се крстени по баба или дедо за да се сочува семејната традиција, други името го добиле по желбата на кумот, а трети имаат име кое не се пренесува од колено на колено, туку, едноставно, им се допаднало на родителите, па затоа и го избрале.
Прашавме наши спортисти, музичари, инфлуенсери, новинари и луѓе од јавниот живот како го добиле името и дали можат да замислат да се викаат поинаку.
Ова се нивните забавни приказни:
Сашко Коцев е роден во Љубљана, но мајка му сакала македонско, а не словенечко име
„Јас сум роден во Љубљана, и родителите се мислеле, но не сакале да ми дадат словенечко име, туку мајка ми сакала да е наше.
Го мислела, го мислела и прва опција било Матеј, кое звучело и како словенечко, а и тука би било океј. Ама, не се сложила.
По три дена се спомнало името Александар. Ама, на мајка ми ѝ било многу долго, па си помислила дека ќе го кратат, ќе ме викаат Аце и слично, па пак рекла не.
Ѝ предложиле Сашо, ама рекла дека Сашо е многу српско, Саше многу деминутив и на крај смислила - Сашко.
Ѝ имам кажано: „Браво бе мамо, тоа ли го смисли? Нигде не сум - ни Сале, ни Сашо, ни Саше, ни Александар, туку Сашко“.
Ете, така го избрала, да звучи македонско, од патриотски побуди.

Актерката Емра Куртишова требала да се вика Инес
„За името одлучила мојата баба, иако татко ми имал желба да се викам Инес.
Јас за ова дознав кратко пред да се роди Лена, па затоа би сакала, доколку дедо Боже ни даде второ девојче, да ја исполнам желбата на татко ми.
Искрено не знам дали би ми стоело тоа име, ми се допаѓа Инес... ама го навикнав ова какво-такво, ха, ха“.

Името на голманот Никола Митревски го избрала баба му
„Мислам дека немало друго име, бидејќи баба ми побарала да се викам Никола.
А и кумот го дал истото име како предлог, па така, сите задоволни, ме крстиле Никола“.

Каролина Гочева добила име по прабаба ѝ
„Нема посебна приказна за името. Крстена сум по прабаба ми од таткова страна.
А сестра ми е Александра, по прадедо ми.
И додека растевме секогаш мислев дека неа ѝ се паднало поубавото име“.

За манекенката Андријана Илиоска бирале меѓу 3 имиња
„Кумот понудил три имиња - Андријана, Ирина и Елена, и инсистирал моето име да биде Ирина, но мајка ми била таа којашто го одбрала името Андријана.
Интересно е што името Андријана отсекогаш било омилено име на мајка ми, а кумот не знаејќи го тоа, го ставил името како прв предлог и тогаш мајка ми без размислување го одбрала.
Искрено, пресреќна сум што од сите понудени имиња, мајка ми го одбрала моево, зашто сметам дека Андријана баш прилега на мојот изглед и на мојот карактер.
Не можам да се замислам да се викам поинаку, а можам и да кажам дека името Андријана ми е едно од омилените женски имиња.
Но доколку морам да изберам едно од другите две понудени имиња тоа дефинитивно би било Ирина“.

