Сашко Коцев ќе бил Матеј, Каролина е крстена по прабаба ѝ - Како требало да се викаат познатите Македонци?
Името на Нора Шаќири на арапски значи „светлина“
„Јас сум трето дете во семејството Шаќири и со тоа преголемата желба на мајка ми Изета да има ќерка ѝ се остварила, но за името сепак одлучил татко ми.
Нејзина желба било да се викам Дијана, но татко ми не попуштил и навистина одбрал уникатно име за мене, кое дефинитивно ми прилега.
Приказна зад моето име нема, но името Нора има многу убаво значење - арапско е и значи светлина.
Во исламот се дава име и не, не би можела да замислам да се викам поинаку“.

Голманот Костадин Захов морал да биде крстен по дедо му
„Кај мене е интересно тоа што и јас и брат ми сме родени во ист ден и тоа на Митровден.
Мојот брат е крстен по едниот дедо, Антон, и кога јас сум дошол на свет, две години подоцна на истиот датум, многу од роднините го посочиле името Димитар или Мите.
Но, на другиот дедо, Костадин, не му се допаѓала идејата, па заминал од фамилијарното договарање. Кога го побарале на телефон да го убедуваат, им рекол: „Ако мене ми е името Димитар, крстете го Димитар“ и ја спуштил слушалка, ха, ха.
Сега во негова чест се викам Костадин. Можам да се замислам со кое било име, за мене тоа е многу небитно“.

Мајката на водителката Ведрана Ѓорѓевиќ ѝ го избрала името
„Изборот за моето име го направила мајка ми Соња, без дискусија знаела што сака и била цврсто решена дека второто дете ќе се вика Ведрана. И не погрешила.
Го обожавам и се идентификувам со моето име, а и често знам да се пошегувам дека е голема одговорност затоа што нема простор за неведрина.
А според православното календарче, значење на моето име е ведра, чиста, јасна, а во преносна смисла и весела, бодра.
Се поврзува со грчкото име Евпсихија (Εὐψυχία), од зборот ψυχή - душа и префиксот εὐ, а буквално значи со добра душа, ведра, бодра.
Да можев да бирам уште неколку пати, пак би го одбрала истото име и многу ме радува фактот што кога сум се родила имало само десетина Ведран/а во цела Македонија, додека денес има многу повеќе дечиња кои го носат ова име и имаат задача да го развеселат и разведрат светот“.

Пејачот Даниел Данн е крстен по Даниел Поповиќ
„Моето име го добив по одлука на кумовите. Во периодот кога сум се родил, многу популарен бил пејачот Даниел Поповиќ, особено со неговата евровизиска песна ‘Џули’.
Тој бил вистинска музичка сензација и токму тоа била инспирацијата за моето име.
Немало други опции - одлуката била донесена веднаш и сите се согласиле дека тоа е вистинскиот избор.
Секогаш сум бил среќен што го носам тоа име. Освен што било поврзано со музиката - нешто што подоцна и мене ми стана животен пат - ми се допаѓа што е интернационално и лесно се изговара и препознава насекаде.
Верувам дека името не е само ознака, туку носи енергија и карактер.
И навистина, отсекогаш сум чувствувал дека ‘Даниел’ одговара на мене - емотивен, креативен и со силен внатрешен порив“.

Татјана Стојановска за малку ќе била Слободанка
„Јас сум родена на 13 Ноември, денот на ослободување на Скопје. Често знам да се пошегувам дека сум Скопјанка или Слободанка.
Кумовите, со оглед на тоа, го поврзале името со денот и го дале како опција Слободанка, но тука биле и Наташа, Билјана и Татјана.
На моите родители најмногу им се допаднало името Татјана. Можам да речам дека и мене ми се допаѓа Татјана и мислам дека направиле добар избор.
Но подоцна, кога бев поголема, баба ми ми кажа дека мајка ѝ се викала Невена и мене толку ми се допадна тоа име што им реков на моите родители „Ех, што не ви текнало да ме крстите Невена?“

Андријана Јаневска во своето, го има и името на баба ѝ
„Андријана, Николина, Ирена, Габриела - тие предлози ни ги дале кумовите.
За моето име нема некои анегдоти, освен што во него се содржи името Јана, како што се викала прабаба ми.
Единствено се мислеле помеѓу Николина и Андријана, бидејќи мојата баба се вика Лина.
Но, затоа мојата сестра ја крстиле Николина.
Инаку, не можам да се замислам со друго име, бидејќи името е суштина, знак и идентитет. Nomen est omen!“

Прочитајте и Елена Ристеска цел месец немала име, Агнеса прво била Снежана: Како требало да се викаат познатите Македонци?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
