Живее во Белград, има 12-годишна ќерка: Каде е и што прави Здравкица Милиќ од „Скај селекшн“?
- Детали
- петок, 04 јули 2025
„Токму во периодот кога се подготвував за приемниот испит на Филолошкиот факултет, една вечер излегов со другарка во тогашната дискотека Колосеум, каде што првите луѓе од телевизијата Канал 5 ми пратија ливче преку келнерот, со порака да се јавам за снимање и така започна сè“, вели Здравкица Милиќ за CRNOBELO.com за љубовта кон камерите и водителството.

Здравкица Милиќ по подолга пауза од ТВ екраните се врати пред камерите со нејзиниот нов телевизиски проект „Животна приказна“ на Македонската радиотелевизија.
Таа во име на љубовта се отсели од Македонија и поради тоа направи пауза од водителската кариера.
Веќе 13 години е во брак и денес живее во Белград со сопругот и ќерката Маша (12), но често патува во Скопје.
Вели дека нејзината телевизиска кариера започнала спонтано од дискотека, а нејзин најсилен печат ќе остане емисијата „Скај селекшн“.
Здравкица за љубовта кон водителството за CRNOBELO.com вели:
„Мојата приказна започна далечната 1999 година на телевизија Канал 5.
Средното образование го завршив во гимназијата Раде Јовчевски - Корчагин.

Токму во периодот кога се подготвував за приемниот испит на Филолошкиот факултет, на насоката германски јазик, една вечер излегов со другарка во тогашната дискотека Колосеум, каде што првите луѓе од телевизијата ми пратија ливче преку келнерот, со порака да се јавам за снимање и дека станува збор за Канал 5.

Во тој момент не ја сфатив сериозно понудата, но по две седмици, по инсистирање на мајка ми, сепак се јавив и отидов на разговор.
Ми понудија да водам интерактивен квиз со наслов „Погоди и земи“, па по еден месец обука, квизот започна со емитување и траеше околу две години.
Така започна мојата телевизиска приказна – од дискотека.

Од тогаш, па наваму, се редеа многу проекти и емисии, а секако, „Скај селекшн“ е емисијата во која најмногу се пронајдов и некако остана како мој личен печат.

Паралелно со телевизијата, бев дел и од Метрополис радио, каде поминав добри осум години, уште од самите почетоци на радиото.
Имав тригодишна медиумска пауза, во периодот кога ја добив ќерката Маша и се преселив во Србија.

