Скандал во Ѕвездите на Гранд: Вики Миљковиќ тврди дека македонски натпреварувач ја обвинил за барање мито - тој јавно ѝ се извини
- Детали
- петок, 04 јули 2025
„Кандидат во јавноста изнесе тврдења дека наводно сум побарала мито од него, што е апсолутна лага и злонамерна клевета. Таквите обвинувања не само што се невистинити, туку длабоко го навредуваат мојот професионален интегритет“, се обрати Вики Миљковиќ на сметка на некогашниот натпреварувач во Ѕвездите на Гранд, Македонецот Александар Темелков, кој потоа јавно ѝ се извини.

Српската пејачка Виолета Вики Миљковиќ долги години е ментор и член на жирито во познатото регионално музичко талент-шоу „Ѕвездите на Гранд“, каде што обучува и поддржува млади пејачи.
Но, сега таа се најде среде скандал, откако откри дека наводно била обвинета за барање мито од страна на кандидат во Ѕвездите на Гранд, за што побара и јавно извинување.
Таа тврди дека македонскиот кандидат кој го дал ова обвинение е Александар Темелков, кој и јавно во видео на својот Фејсбук профил на Стори се огласи и изјави дека зборовите му биле извадени од контекст.
Изјавата наводно ја дал во гостување во еден македонски подкаст, тврди Вики во опомената.
Вики Миљковиќ на својот Инстаграм профил напиша:
„Соопштение за јавноста
По повод невистинитите и целосно неосновани обвинувања изнесени од страна на еден од поранешните кандидати за „Ѕвездите на Гранд“, чувствувам обврска да ѝ се обратам на јавноста и да го изнесам мојот став.
Имено, споменатиот кандидат во јавноста изнесе тврдења дека наводно сум побарала мито од него, што е апсолутна лага и злонамерна клевета.
Таквите обвинувања не само што се невистинити, туку длабоко го навредуваат мојот професионален интегритет, честа и сè што сум градела со години во својата кариера.
Нема да дозволам било кој да го користи моето име и презиме за да привлече внимание врз основа на лаги и манипулации.
Мојата репутација, и професионална и лична, е нешто што со децении сум го градела, и нема да дозволам некој да го валка тоа во име на евтин публицитет.
Доколку споменатиот кандидат јавно не се извини за изнесените невистини, ќе бидам принудена правдата да ја побарам на суд.
Не од одмазда, туку од потреба да се заштитам себеси, својот углед и сите луѓе што стојат зад мојата работа.
Ова е воедно и повик до сите да бидеме одговорни за тоа што го изговараме, особено кога станува збор за сериозни обвинувања кои можат да го загрозат нечиј живот, кариера и достоинство.
Со почит,
Виолета Вики Миљковиќ“
