Финн, Германец кој 3 години живее во Македонија, прослави роденден со торта со македонско знаме: „За најубавата земја“
- Детали
- понеделник, 28 јули 2025
„Имав 21 година кога првпат дојдов во Македонија, а сега веќе имам 24... Наздравувам за уште многу години во најубавата земја на светот“, напиша Финн Ваттчов од Фрајбург на Брајсгау.

Финн Ваттчов (24) е менаџер за маркетинг на социјалните медиуми, роден во Фрајбург на Брајсгау (Freiburg im Breisgau) во Германија, на кој Македонија му е дом веќе 3 години.
Во интервју за CRNOBELO.com тој откри дека тука дошол сосема случајно откако нашол евтин авионски билет, но дека веднаш се вљубил во земјата.

Денес, тој има армија фанови на Инстаграм, присуствувал на неколку македонски свадби, меѓу кои и Галичката, постојано е дел од спортски натпревари и разни настани.

Финн снима видеа како ја доживува нашата земја и постојано ги нагласува нејзините позитивни страни.
Сега, прослави и роденден со истакнување на неговата љубов кон нашата земја преку изборот на торта.

Финн одлучи да ги дувне свеќичките на торта со македонското знаме.

Тој напиша:
„Имав 21 година кога првпат дојдов во Македонија, а сега веќе имам 24 – неверојатно колку брзо лета времето. Денес мораше да се прослави со стил.
Наздравувам за уште многу години во најубавата земја на светот“.
За тоа како дошол во Македонија Финн вели:
„Првпат дојдов во Македонија во јуни 2022 година и начинот на кој тоа се случи беше чиста случајност.
Дотогаш не знаев многу за Македонија, односно знаев за земјата само затоа што претходната година ја победи Германија во фудбал со 2:1 и слушнав за Горан Пандев, така што моето знаење за Македонија беше прилично фудбалско.
Тогаш живеев во Хамбург во северниот дел на Германија и сакав да направам кратко викенд патување со еден мој добар пријател. И двајцата немавме премногу пари тогаш, така што ги пребарувавме најевтините летови достапни од Хамбург, а потоа го најдовме летот на Wizzair за Скопје.
Ги проверивме сликите на Google Maps и ги видовме статуите на главниот плоштад, парламентот, Водно и слично и навистина ни се допадна, па се одлучивме за таа дестинација и одлетавме за Македонија.
Кога стигнавме, веднаш ми се допадна тука и се заљубив во земјата, архитектурата, природата и луѓето.
Вторпат дојдов во јули на неколку дена, а веќе на крајот на август решив да се откажам од мојот живот во Германија и да се преселам овде, така што одлучувањето беше прилично брзо, би рекол“.
Прочитајте и Финн, Германец кој живее во Скопје: „Евтин авионски лет ме доведе во Македонија - се заљубив во земјата и се преселив тука“
С. С. | Црнобело