Панчо полни 46 години, пријателите му испраќаат пораки со поддршка: „Издржи, стари, цела Македонија е со тебе“
- Детали
- вторник, 29 јули 2025
Емотивни роденденски пораки на Панчо му оставија и пријателите, но и луѓе кои никогаш не го запознале во живо, сите со иста мисла - да се бори, да биде добар и што побрзо да излезе од болница.

Владимир Блажев Панчо денес (29.07) полни 46 години.
Тој овој роденден го дочека во болница, каде што е на опоравување по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а во кој се здоби со тешки изгореници и повреди.

Панчо полека се опоравува, а пораки во знак на поддршка доби и за роденденот.
Му пишуваат и пријатели, но и луѓе кои никогаш не го запознале во живо - од Македонија, од регионот, па и од целиот свет.

Сите заедно се со иста мисла - Панчо да се бори, да биде добар и што побрзо да излезе од болница:
„Се надеваме дека си подобар. Не се откажувај“,
„Се надевам дека си посилен и посилен“,
„Биди храбар“,
„Издржи и избори се. Те чекаме да ни се вратиш. Се молам за тебе“,
„Издржи, стари“,
„Издржи друже, цела Македонија е со тебе“ - се само дел од пораките напишани на „ѕидот“ на Панчо на Фејсбук.

Роденденот на Панчо, преку Инстаграм, му го честита и Ана Костадиновска, која пееше придружни вокали во ДНК, а го преживеа пожарот.
Таа сподели забавна фотографија на која е со Панчо, Андреј Ѓорѓиески и Сара Пројковска, а на која четворицата носат по нешто розово на себе.
Андреј облекол розова кошула, Панчо е во розова светкава маичка и здолниште од тул во неколку бои, Сара носи розово здолниште, а Ана ставила розов тул преку облеката.
Наместо порака, таа стави емотикон розово срце.

Перо Антиќ, кој денес и самиот слави роденден, сподели заедничка фотка со Панчо на Инстаграм Стори за да му го честита роденденот на својот близок пријател.
„Те сака братот твој“ - напиша Антиќ на фотката.

За потсетување, по пожарот во Кочани, Панчо беше пренесен во болница во Скопје, каде што се санираат изгорениците на рацете и лицето со операции.
Според пријателите, тој е подобар и едвај чека да си оди дома.

А. Ј. | Црнобело