Стефан (22) ја запроси Марија (18) во Бигорски по заклетвата со коњицата: „Мислев дека ми се причинува“
- Детали
- вторник, 29 јули 2025
„Им кажал на сите што беа со него дека по заклетвата ќе ме запроси. Кога се свртев и го видов клекнат, бев во шок, многу збунета - помислив дека ми се причинило нешто, ама беше вистина“, вели Марија, која додека траеше заклетвата на коњаниците во Бигорски манастир му кажа „да“ на својот сакан Стефан.

Стефан Ѓурчиновски (22) од с. Тумчевиште, гостиварско, ја запроси својата сакана Марија Давидоска (18) од с. Стенче, тетовско, во срцето на манастирот Св. Јован Бигорски.
Двајцата, заедно со уште 14 јавачи од Бигорската коњаница, која тргнува од с. Зубовце за да стигне до Крушево на 2 август, го посетија Бигорскиот манастир за да положат заклетва.

На социјалните мрежи беше објавено видео како Стефан ги бакнува камата и пиштолот, а потоа, додека Марија го прави истото, тој од џебот на својата комитска носија го вади прстенот, клекнува на колено, и кога таа се врти за да се врати на своето место - Стефан ја бара за сопруга пред сите коњаници, но и посетители кои во тој момент се во манастирот.

За емотивниот момент на запросување, кој бил вистинско изненадување за Марија, но и за нивната љубов, таа ни раскажа за CRNOBELO.com:
„Заедно сме веќе 5 години, Стефан беше со коњаницата, се запознавме, ми пиша и така почнавме.
Коњаницата трга на 26 јули од с. Зубовце и доаѓа до с. Тумчевиште каде што ги пречекуваат жителите, па од тука одат за Гостивар на литургија и продолжуваат до Крушево.
Во Бигорски манастир сега беa две коњаници - бигорската и радовската.
И ја сум дел од коњаницата, па заедно со нив вчера заминав на заклетва.

Не очекував дека Стефан ќе ме запроси. Бев во шок, многу збунета не знаев што се случува.
Прво помислив дека ми се причинило нешто, ама беше вистина.
За брак немаме ништо конкретно разговарано претходно.

Инаку, Стефан им кажал на сите што биле со него дека по заклетвата ќе ме запроси.
Бил да купи прстен и ми кажа дека имал трема и бил многу возбуден.

Откако му кажав „да“, прво се јавивме на мојата тетка, која беше возбудена, а потоа се јавив на моите.
Сите беа среќни, а мојата братучетка Ангела не ми веруваше сè додека не ѝ се јавив на камера да ѝ го покажам прстенот на рака и кутијата. Беше толку изненадена што почна да плаче.

Бигорски е убав манастир, тука сè е навистина убаво, па можеби би размислиле да се венчаме баш овде, на местото каде што Стефан ме запроси“.
Погледнете го видеото:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело