Даниел од Охрид ја запроси саканата Сандра на Канео: „Од возбуда го заборавил прстенот, го избра местото каде што се запознавме“
Сè беше испланирано до најмал детаљ: музика, фотограф, декорации, храна – сè беше во негови раце. Тој целосно ја презеде организацијата.
Прстенот е изработен според моите идеи во Orsini во Антверпен. За време на зимската посета на Даниел во Ахен, бевме на прошетка до Антверпен, Белгија, каде што влеговме во неколку продавници за прстени. Јас пробав неколку модели, што му даде идеја за мојот вкус. Изработката на прстенот траеше неколку недели, а негов пријател од Холандија, го нарачал и го зел прстенот од таму.
За запросувањето, Даниел го избра Канео – истото место каде што првпат ми ја направи бродската прошетка низ Охрид кога се запознавме. Сè беше внимателно организирано – дури и прстенот му беше доверен на неговото семејство за чување, за да не го видам однапред.
Но, најинтересното од сè беше тоа што, токму на денот кога требаше да ме запроси – во целиот тој хаос и возбуда – заборавиле да го понесат прстенот од дома.
Покрај Канео нè чекаа пријателите, сите пристигнати пред нас. Јас и Даниел стигнавме последни, јас бев со врзани очи, додека тој нервозно го бараше прстенот за да ме запроси, слушнав шушкања дека… прстенот го нема! Во прв момент помислив дека тоа е дел од сценариото – секогаш сум зборувала за прстените од Антверпен, а тој ми велеше дека не прстенот е важен, туку 'ние'.
Помислив ќе ми направи романтичен предлог без прстен. Па така неговиот пријател му го даде прстенот од неговата сопруга за да не остане со празни раце. Една вистинска уметност на импровизација.
Но, само малку подоцна, сестрата на Даниел и татко му се вратија со мојот прстен. Така, Даниел мораше да ме побара повторно — во рок од 20 минути добив двојна понуда!
Даниел сакаше да ме запроси во присуство на моето семејство. Знаеше дека можеби ќе претпоставам што се случува, но вистинското изненадување беше што успеа да ги покани и моите родители, како и сестра ми со нејзиното семејство.
Најголемиот предизвик беше да нè собере сите заедно, без јас да се посомневам. Сестра ми можеше да дојде во Македонија само во средината на јули, бидејќи тогаш моите внуци имаат распуст. А јас првично планирав да дојдам на почетокот на јули.
По долги преговори и внимателно убедување, Даниел ме наговори да ја сменам датата – што ми беше малку чудно, па веќе почнав да насетувам дека нешто подготвува.
На самиот ден, Даниел ми рече да се дотерам и да се облечам елегантно. Не знаев точно што планира, но имав претчувство.
Најголемото изненадување беше кога го здогледав моето семејство. Воопшто не го очекував тоа. Бев целосно изненадена, збунета без зборови“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Спирова С. | Црнобело
фото: Ристе Спироски