Дарко од Скопје ја запроси саканата Ивана на јахта на Мајорка: „Имав помош од агенција за настани, организацијата траеше 2 и пол месеца“
Ѝ реков дека ќе морам да одам да прашам некого за ресторанот, а во наша непосредна близина, на самиот влез од пристаништето сосема „случајно“ се најде токму нашиот скипер.
По однапред договорено сценарио, кога го прашав каде се наоѓа ресторанот, тој одговори дека тој ресторан не се наоѓа тука и додаде дека дотаму се стигнува само по воден пат, односно со брод.
Збунето му кажав дека ние сме со автомобил, а тој одлучно кажа дека тој има јахта и дека би можел да нè однесе до ресторанот.
Јас се согласив, а Ивана само го следеше разговорот од страна и воопшто не ѝ беше јасно што се случува.

Тука за неа следеше комплетно неочекуван развој на настаните, од најопуштено лежење на плажа, преку нагло и непланирано заминување од истата, брзинско спремање во апартман и заминување кон некој ресторан, до качување на јахта со непознат човек, кој се понуди да нè однесе до ресторанот…
Беше потполно збунета, па дури и исплашена од сè што се случуваше.
Кога се качивме и седнавме на јахтата, разбирливо, почна да поставува десетици прашања од типот на „кои се овие луѓе?“, „каде одиме?“, „кој е тој ресторан?“, итн.
Јас само се воздржував да не се смеам и се преправав дека е сè во најдобар ред и реков дека претпоставувам дека истото е организирано од мојот пријател Мартин.
А за подетално да ви ја пренесам сликата, тука беше скиперот, уште една девојка која се преправаше дека е негова партнерка, а всушност таа беше професионален фотограф.
Исто така во долниот дел, беше скриена уште една девојка од агенцијата која беше задолжена по запросувањето да излезе со свеж букет од бели рози, пенливо вино (шампањ) и мезе даска.

Сè се одвиваше по планот, за среќа немав воопшто трема, пловевме околу 30-40 минути до предвиденото место, односно заливот во кој требаше да се закотвиме и да се случи запросувањето.
Стигнавме во заливот, а таа постојано прашуваше каде е ресторанот.
Кога се закотвивме, дојде моментот, станав, ја фатив за рака и ја качив на платформата во предниот дел.
Таа збунета и веројатно веќе свесна што се случува, со солзи во очите ме праша „Дарко, што правиш, каде е ресторанот?“.
Јас ѝ објаснив дека нема ресторан, дека сме само ние на прекрасна летна дестинација каква што отсекогаш посакуваше, среде море и магичното зајдисонце.
Потоа имав краток говор, кој не би сакал да го споделувам и сметам дека треба таа да остане единствената која го слушнала.

И најпосле следеше главниот чин, го извадив кутивчето со вереничкиот прстен, клекнав и го поставив прашањето кое веќе добро ни е познато на сите – „Дали ќе се омажиш за мене?“.
Со очи полни радосници и љубов, ми одговори неколкупати „Да, да, да“.
Потоа ја бакнав, ѝ го врачив цвеќето, го отворивме пенливото вино, јас и Ивана наздравивме за нас и нашата љубов, а потоа и со целиот тим за успешно реализираниот „проект“.

Ова беше навистина едно прекрасно и незаборавно искуство, кое сметам дека секој треба да го почувствува. Се разбира, не мора да е на истиот начин како нашето, но чувството дека правиш нешто толку посебно и специјално за својата избраничка е прекрасно.
Да не зборувам за оние финални моменти, исполнети со енормно многу емоции и солзи радосници.

Да, вложив многу време и труд, но ништо од тоа не беше тешко бидејќи после целиот тој период исполнет со голем притисок, емоции, па дури и нервози – знаев дека стои таа која потполно го заслужува сè ова, со очи полни со солзи радосници и спремна да го изговори магичното „Да“.
Нека ова биде охрабрување за сите момци, да не се плашат и да не се срамат да направат нешто посебно за своите избранички, зависно од нивните желби и интереси“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело
