Маја Гроздановска за љубовта со Дарко Панчев: „Собирав негови сликички како дете, го запознав на свирка - во брак сме 25 години“
- Детали
- петок, 10 април 2026
„Случајно ја видов кафуле во Капиштец, ме заинтригира и јас иницирав да се видиме. Таа знаеше дека сè уште сум во некаква заедница, па не сакав да ја форсирам зашто беше многу тврда во тој поглед. Но бев упорен и по некое време се сложи да се видиме“, вели Дарко Панчев, кој телефонски гостуваше во подкастот „Урок“, додека сопругата Маја зборуваше за нивната љубов.

Маја и Дарко Панчеви се во брак преку 25 години. Љубовта која почнала случајно, по запознавање во кафуле во кое пеела Маја, ја крунисаа со две прекрасни ќерки, Надица и Марија.
И иако не зборува често за сопругот Дарко и за нивниот приватен живот, Маја откри интересни детали при гостувањето во подкастот „Урок“ кај Сергеј Варошлија.
Таа одговараше на прашања околу нивното запознавање, а потоа, во текот на интервјуто, го повикаа и Дарко на телефон, за и тој да ја раскаже својата страна од приказната.

„До прееска зборуваше нема да зборуваме за Дарко, сега ме праша пак за него, ха, ха.
Со групата ‘Бумеранг’ секоја вечер бев актуелна со свирки, имавме некаде настапи, а тој доаѓаше на свирки.
Јас се чудев кога ќе го видев. Лелееееее, си викав јас, види кој ми дошол мене на свирка“, ја почнува Маја приказната.

„А убавко ти беше, убавко!?“, ја потпрашува Сергеј.

„Не го гледав јас него како човек во којшто ќе се заљубам, туку како најуспешниот човек во нашата држава.
И не е шала - јас бев машкоданка, играв фудбал со брат ми, собирав сликички и кога ќе добиев слика од Дарко Панчев на она на ‘тепка’, го мењав за...
И знаеш, кога ќе си го вратам филмот нешто можеби и мало поврзано што ете, јас и тој сме повеќе од 25 години во брак, сега на 12 април ни е годишница.
И го навраќам времето кога воопшто не го познавав, а на маскенбали сум се облекувала во дрес.
Со ќерката Марија
Имам колега од Опера, со кого пеевме заедно и во Златно славејче, и кога ќе се сретнеме сега знае да ми рече: ‘Дали се сеќаваш кога правеше топчиња од хартија и викаше - Види, како Дарко Панчев сум сега.’
Дете бев тогаш, детиште. И видиш, судбина, да дриблам цел живот, ха, ха, ха“, раскажува таа.
