Охриѓани „нападнаа“ скопјанка што нарачала 3 ќебапчиња во ресторан, шеф на кујна од Скопје им даде професионален одговор
- Детали
- среда, 27 август 2025
„Охриѓани, храната е срцето на угостителството. Но, услугата? Таа е душата и без неа вкусот исчезнува“, вели Виктор Настески и прави споредба со каква ситуација се соочил за време на работата како шеф на крузер.

На Фејсбук профилот „Охриѓани“ осамна објава за ситуација со скопјанка во Охрид. За веродостојноста на истата не гарантираме и ако се случило навистина - не знаеме детали од типот кога точно и во кој локал се случило, бидејќи во коментари следбениците нагласуваат дека објавата ја репризираат.
Сепак, објавата многумина ја сфатија сериозно, таа се споделува вирално и се дебатира за истата.
Ви ја пренесуваме во целост:
„Денес седнав во еден охридски ресторан, на масата до мене една 'елитна' скопјанка порача 3 ќебапчиња.
Алооооо 3 цели ќебапи, сакала да ги проба зш не ѝ се јаделе 10.
Келнерот рече дека минимум 5 морат да порачат. Женава се запали, У Скопје можело и едно ќебапче да порачат, поефтини било, oхриѓани вакви, oхриѓани такви, ми се запали душата...
Значит не ми е јасно. Идаш Охрид на одмор, уживаш на плажа, во цела убајна шо ти го нудит Охрид и секој втор коментар се фаќет за цените во Охрид.
Лежалките, педалинките, ќебапите, кафето абе све им сметат, ам ние oхриѓани по цела година шо ги плаќаме иситите цени ко сред сезона шо не се жалиме?
Ако не ти дозволуват буџетот да јајш и да пиеш по кафани и ресторани шо седвиш ам. Ете купи си в маркет и оди по плажине кј шо не се нудит нишчо, пржи си во смештајот и готово.
Све сакет само за гага, безпари да било, па макар и одморот, јадењето, пиењето, капењето, смештајот, абе буквално све.
Наместо да уживет во сета убајна, јадет само лајна.
За нас најубав си Охриде, зш какви сме, такви сме, oхриѓани сме!“

На ова извршниот шеф во кујна на крузер Виктор Настески од Скопје, со искуство од неколку децении, го сподели својот став на тема 3-те нарачани ќебапчиња.
Кај нив во коментар напиша:
„Има едно правило во угостителството, гостинот секогаш е во право.
Доколку тоа беше дете и побараше 3 ќебапчиња, дали ќе беше истиот одговор на келнерот кон детето?
Дали едно, три или пет ќебапи ресторанот е должен да ги приготви како и секаде во светот.
Ама пак мора да се направи фама дека била скопјанка и да се оцрни...“

